Екипата на Ѓорче Петров на реванш дуелот против Румс Јагс во рамки од третата рунда во Европскиот Куп повторно дојде до убедлива победа, овој пат со 40:26 и на најдобар можен начин го завери пласманот во осминафиналето во третото по ранг европско натпреварување. Избраничките на Симе Симовски на првиот дуел, кој беше одигран вчера, забележаа победа со 45:26.
Ѓорче Петров во денешниот натпревар не дозволи опуштање во ниту еден момент и победата ја обезбеди уште во првите 15 минути. Македонскиот шампион стартуваше фуриозно, поведе со 3:0 и во секој сегмент од играта беше надигран австрискиот претставник, кој одвреме-навреме погодуваше во голот на домаќинките. Откако беше 3:1, следуваше беспрекорна игра на домашниот табор. Ѓорче Петров со одлична серија од 7:0 кон средината на првото полувреме се одлепи на 11:1. Веќе во тој момент беше одлучен победникот и со оглед на кратката клупа на гостинскиот тим, беше сосема јасно дека домаќинките ќе атакуваат на висока победа.
Гостинките од Австрија речиси осум минути беа без постигнат гол, немаа многу идеја во нападите, се почесто грешеа, па така тимот на Ѓорче Петров ја казнуваше секоја грешка на противникот и како одминуваше времето растеше предноста за избраничките на Симовски. Разиграни беа Дукоска, Николовска, Василева..па така домашниот табор ја „билдаше“ разликата во своја корист и на пауза замина со водство од 23:8.
Второто полувреме беше повеќе формалност и шанса за настап имаа ракометарките со помала минутажа. Симовски ја измеша поставата, во игра влегоа и помладите, но тоа не се одрази на резултатот. Ѓорче Петров како на тренинг продолжи да ја полни мрежата на Румс Јагс и во 40 минута резултатот беше 30:16. Гостинките во второто полувреме успеаја да постигнат повеќе гола од првиот дел.
Македонскиот шампион во последниот период од натпреварот им дозволи на гостинките да преполоват дел од негативата. Ракометарките на Ѓорче Петров имаа голема залиха, па така можеа да си дозволат и мало опуштање. Румс Јагс во финишот заостануваше на 12 до 13 гола негатива и не можеше да се избори за поблаг пораз.
Најефикасни во Ѓорче Петров беа Теодора Дукоска со осум и Златица Васевска со шест гола. Двете ракометарки имаа 100% учинок, односно одиграа без промашување. Слободанка Кицеска на голот имаше 13 одбранети удари, додека Зорица Хасаноска во дадената минутажа забележа четири, а Софи Ѓошевска две интервенции.
Рапсодија на ,,лавиците” – Ѓорче Петров веќе е во осминафиналето на Европскиот Куп