Тимот на Алкалоид по поразот од Вардар во минатото коло, им се врати на победите во Суперлигата, откако славеше на гостински терен кај составот на Струга со 44-29. Победникот беше решен уште по првиот дел, кога избраниците на Кире Лазаров направија солидна залиха од осум гола, а во вториот дел само ја сочуваа и рутински го доиграа мечот.
По 2-2 на стартот, гостинските ракометари се одлепија на водство од 6-2 и до крајот на мечот не го испуштија водството. Трајкоски бранеше одлично, а домаќините немаа многу решенија во нападот.
Дебитантот во суперлигашкото друштво ги казнуваше лесно грешките и континуирано ја зголемуваше предноста, а стружани иако имаа добри моменти, не успеваа да ја намалат негативата. На пауза, Алкалоид водеше со 22-14.
Во второто полувреме избраниците на Жарко Ферукоски заиграа подобро, не се предаваа, во неколку наврати намалија и на минус пет голови, но немаа сили за комплетен камбек во натпреварот, па Алкалоид лесно го приведе натпреварот до крај без проблеми.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Мартин Серафимов со осум погодоци, како и Петковски и Кофилоски кои погодија по седум пати. Во составот на Струга се истакнаа Маркоски со осум и Бугариновиќ со седум гола. Алкалоид како второпласиран оди во плеј-оф, додека Струга има само теоретски шанси и ќе мора да чека порази на конкурентите.