Наместо дерби или барем неизвесност, во Автокоманда доминираше само еден тим, Вардар. Актуелниот шампион не само што го надигра тимот на Алкалоид со 30-22 (15-7) туку му наплати со камата за претходните две средби на кои требаше да се помачи за бодовите. Овојпат немаше дилеми, и уште во првото полувреме беше решен победникот.
Со оваа победа Вардар веќе е сигурен како првопласиран во регуларниот дел, и треба да пренесе три бода во разигрувањето во пролетниот дел од сезоната. За гостите од „Јане Сандански“ ова е 11 триумф по ред сезонава во првенството, а Алкалоид по вторпат е поразен во нивниот меѓусебен дуел.
Разликата во квалитетот црвено-црните го потврдија уште на самиот почеток кога со играч помалку по исклучувањето на Стоилов постигнаа три гола по ред и поведоа со 4-1. Тоа беше најава дека гостите се дојдени по бодови и тоа без да имаат проблеми.
Голманот Мартин Томовски царуваше на голот и имаше 12 одбрането топки во првото полувреме, меѓу кои и еден седмерец. Не успеаваа домашните ракометари да најдат решение за одличната игра на Вардар, особено во одбрана.
И со уште една серија од 9-6 Вардар дојде до 15-7 како највисоко водство во тој период од мечот, резултат со кој се отиде на пауза.
Алкалоид се обиде нешто да смени, ама само намали на 11-16. Потоа полека Вардар пак се врати на оние „плус 8“ не дозволувајќи во ниту еден момент да се понадева Алкалоид на евентуален пресврт. Вардар беше пресилен, поискусен и секако помотивиран. Влегоа со ладна глава и мирна рака.
Во победничкиот тим на Вардар најефикасни беа Филип Талески и Куни Моралес кои дадоа по 6 гола, а капитенот Стојанче Стоилов постигна 5 гола. Дејан Манасков и Гоце Георгиевски дадоа по 4 гола.
Кај Алкалоид најефикасен беше Марко Митевс со 6 гола, а Мартин Серафимов постигна 4 гола.