Ниту на ЕП и СП не сме така силни: Mакедонија со пет тренери на младинскиот ЕХФ шампионат

Покрај селекторот Бранко Ангеловски, тука се Андон Бошковски, потоа тренерот на голманите Ице Соколески, како и двоецот што работи со кадетите - селекторот Раде Стојановиќ и неговиот асистент Наум Танески. Со тимот се и физиотерапевтите Небојша Василевски и Филип Јовановски.

Летово младите машки репрезентации на Македонија ќе имаат полна агенда. Младинската репрезентација ја очекува настапот на ЕХФ шампионатот во Варна, кај источниот сосед, од 16 до 24 јули. Репрезентацијата веќе се подготвува во Маврово, а интересно е дека во стручниот штаб на нашата селекција, според објавениот список на сајтот на ЕХФ ќе има дури пет тренери.

Ракометната федерација на Македонија досега не промовирала ниту еден од нив дека се задолжени за работа со младинците, а ниту објавила список на повикани ракометари на подготовките кои во моментов се одвиваат во Маврово.

Покрај селекторот Бранко Ангеловски, тука се Андон Бошковски, потоа тренерот на голманите Ице Соколоески, како и двоецот што работи со кадетите – селекторот Раде Стојановиќ и неговиот асистент Наум Танески. Со тимот се и физиотерапевтите Небојша Василевски и Филип Јовановски.

Стојановиќ и Танески ја предводат кадетската репрезентација, а во составот на младинската селекција најголем процент од ракометарите се кадети што ќе собираат искуство пред настапот на ЕХФ шампионатот во Рига.

На ЕХФ шампионатот во Варна, веројатно ќе играат и неколкумина ракометари што според возраста припаѓаат на младинците, но со оглед на тоа што од ова натпреварување се обезбедува само квалификации за СП (од кадетскиот ЕХФ шампионат се обезбедува пласман ранг погоре, односно на ЕП и СП), ќе им се даде шанса и на кадетските репрезентативци да соберат поголемо искуство.

Македонија е во групата Б со Романија, Швајцарија, Косово и Украина, а најдобрите две селекции ќе обезбедат место во полуфиналето на ЕХФ шампионатот.