Двојниот европски првак Вардар секогаш е интересен за играчите, и доколку се реализираат најавите за следната година македонскиот тим ќе биде навистина „шарен“ и со репрезентативци не само oд Европа, туку и од Африка.
Раководството на двократниот европски шампион Вардар активно работи на трансфер пазарот пред стартот на новата сезона. Веќе се договорени пет засилувања, а можно е наскоро да има уште најмалку три нови играчи.
Голманот на египетскиот национален тим, Мохамед Ел Тајар, според тамошните медиуми, веќе потпишал договор на две сезони со „црвено-црниот“ тим, но тоа всушност ќе биде позајмица од неговиот актуелен клуб Ал Ахли. Ел Тајар има 25 години и е стандарден репрезентативец на Египет, за кој настапи на Мундијалите во 2019 и 2021 година. Доаѓањето во Скопје за него ќе биде прво интернационално искуство во кариерата.
Според египетските медиуми, покрај Ел Тајар, дресот на Вардар следната сезона треба да го облечат уште двајца репрезентативци на африканската земја, чиј селектор е некогашниот тренер на македонскиот тим, Роберто Парондо.
Станува збор за двајцата браќа, Јехија и Сеиф Ел Дера. Јехија Ел Дера игра на левата и средната бековска позиција, има 25 години и на 112 настапи за Египет постигна 97 погодоци. Тој во моментов е член на Замалек, а има европско искуство во данскиот тим Рибе Есбјерг, додека во домашниот шампионат играше за Хелиополис и Ал Ахли.
Неговиот брат Сеиф Ел Дера има 22 години, а игра на средната бековска позиција. Тој е член на Замалек, а доаѓањето во Вардар би било прво искуство надвор од татковината. Веќе е стандарден член на сениорската репрезентација и одигра осум меча, на кои има постигнато 14 погодоци.
Но за да се реализира трансферот на браќата Ел Дера има административна пречка. Воениот рок во Египет е задолжителен, па тие двајца треба да добијат дозвола од Министерството за Спорт и од Министерството за Одбрана дека може да го одложат одењето во војска.
Досега Вардар ги потврди договорите со шпанскиот десен бек Едуардо Гурбиндо, српското десно крило Дарко Ѓукиќ, голманот Мартин Томовски, хрватскиот лев бек Анте Кудуз, како и полското лево крило Јан Чувара. Од оние на кои им истекуваа договорите на лето, потврдени се новите соработки со Тимур Дибиров и Филип Талески.