НЕСЕРИОЗНОСТ: Дамите за еден месец имаат квалификации за ЕП, а РФМ се уште „бира“ селектор!

Откако „мирно и без бранување“ помина редовното Собрание на РФМ, македонската куќа на ракометот има пред себе многу „ситуации“ за решавање. Ќе треба да најде решение за посакуваното кратење на лигата, но сигурно нема да мине желбата во иднина да има две највисоки лиги со по 8 екипи, и да имаат ист ваучер. Но, почнуваат и грижите на репрезентативен план.

На месец дена до собирот во рамките на ЕХФ недела и стартот на квалификациите за Европското првенство 2024 година, женската сениорска репрезентација на Македонија се уште нема селектор. Ракометната федерација на Македонија мора конечно да најде сериозен селектор кој ќе работи со најдобрите сениорки. Времето поминува и првиот натпревар на домашен терен во Скопје го играме против селекцијата на Азербејџан.

По последното место на ЕП 2022 на кое бевме домаќини, и неуспешните квалификации за СП 2023, беше прекината соработката со Љубомир Савевски. „Веќе виден“ негов наследник беше Александар Петровски, кој беше на клупата за бараж двомечот за СП против Украина, бидејќи го „спаси“ Савевски кој нема Мастер Коуч лиценца..

Но веројатно од очекуваното селекторување на Петровски нема да има ништо. Тој ја заврши задачата во април, но РФМ немаат план да го ангажираат. Според информациите на 24Ракомет, многу блиску до сениорската клупа е поранешен член на стручниот штаб на Савевски – тренерот на Металург Автокоманда, Јулијана Дамчевска.

Таа ја предводеше младинската репрезентација летово на првенството во Романија, но нашите млади надежи останаа на дното според пласманот. Таа и досега повеќепати беше одговорна на младинските категории, но резултатите со младинските селекции не се силна страна за Македонија.

Можеби РФМ ќе „купи“ време и ќе ја продолжи потрагата по вистинското решение, па ќе има преодно решение за претстојните два меча против Азербејџан и Литванија, односно в.д. селектор, што нема да биде прв случај кога се работи за женската репрезентација. Наместо селектор кој ќе понуди програма и ќе работи, ќе имаме тренер што ќе „вади костени“.

Македонија во квалификациите за ЕП 2024 е во група со Шпанија, Азербејџан и Литванија. Првата средба е на 11 октомври во Скопје во СЦ „Јане Сандански“ против селекцијата на Азербејџан, додека вториот меч е на гостински терен во Виљнус против Литванија на 15 октомври.