Репрезентацијата на Хрватска во Пореч ги стартуваше подготовките за настап на Европското првенство 2022.
Во Хрватска ситуацијата со коронавирусот не е стабилна. Строгите мерки за настап на континенталниот собир беа причина за претпазливост во хрватскиот табор за време на подготвителниот период во својата земја.
Селекторот на „коцкестите“, Хрвоје Хорват во разговор за „Вечерњи“ објасни како функционира целата ситуација со радикалните мерки во хотелот во Пореч.
„Имаме задолжително тестирање секое утро. Направивме сѐ што е во наша моќ да се обидеме да ги заштитиме играчите што е можно повеќе. Секој има своја соба, нема повеќе „цимери“. Репрезентацијата е изолирана на еден спрат од хотелот, јадеме само во посебна просторија. Но, нема 100% заштита од вирусот. Каде се опасностите од инфекција? На пример, од собарките, момците треба да одат од собата до ходникот низ лобито на хотелот, тука се и келнерите кои не послужуваат. Играчите не одат на кафиња, имаме една заедничка просторија каде се дружиме. Најлошо би било некој да се зарази ден-два пред почетокот на Европското првенство“, изјави Хорват.
Избраниците на Хорват ги чекаат уште две проверки пред настапот на ЕП против Русија и Босна и Херцеговина.