„Немаше бојкот за Брестовац, Лазаров нè сплоти и ни даде слобода“

Машката ракометна репрезентација доживеа неверојатна трансформација за само два месеци, од очајот на СП во Египет во јануари, до победата над светскиот првак Данска во март, во дебито на Кирил Лазаров како селектор на Македонија.

Левиот бек Филип Талески во интервју за 24ракомет вели дека не може да објасни што се случило со репрезентацијата, тврди дека играчите не го бојкотирале екс-селекторот Данило Брестовац.

„Од петтото место на ЕП 2012 во Србија македонската јавност константно има високи очекувања за ракометарите дури и во ситуација кога се потенцира дека сме во тежок период на промена на генерација. На моменти знае да се случи дисфункционалност меѓу генерациите, не знам како да го објаснам тоа. Делуваме како екипа, а истовремено и не сме. Кога победуваш си екипа и се е добро, кога губиш… Ниту на ЕП 2020, ниту сега во Египет не можам да кажам што се случи. Немаше ниту бојкот, ниту револт, отидовме да се натпреваруваме, за по првите 15-20 минути против Шведска да ни се случи потоа. А потоа продолживме да тонеме! Многу е различно кога ќе изгубиш натпревар со еден-два разлика, и кога ќе загубиш со 20… Чудно ми е секогаш кога ќе се обидам да направам споредба. Истата репрезентација од Египет, плус Миркуловски само два месеци подоцна против Данска игра перфектно. Данска немаше пораз две години, замислете немаа загубен натпревар две години!!! Двапати во низа светски првак, а ние ги победуваме. Има милион зошто и милион затоа… Лазаров со неговото превземање не сплоти и тоа донесе резултат. Добро не знае нас играчите, направи добра тактика, имавме добра подготовка и после такво лошо првенство, Данска доаѓа во Скопје во најсилен состав, а ние ја водиме осум разлика и ја победивме. И никогаш не се случило Македонија со ваков резултат да мине едни квалификации. Можеби се смени менталниот склоп, по СП сите увидовме дека она што го одигравме и прикажавме беше катастрофа и секој почна сам од себе. Може да се види и дека Кире остава простор за сите. Кузмановски играше повеќе во нападот, јас имав повеќе одбранбени задачи на овие натпревари, но секој од нас е важен. Нè разбира, кога некој верува во тебе, тогаш и вие имате самодоверба дека можете сè. Дека можеме против еден Хансен или Гитсел, да го запрете во напад, или, пак, Лазаров како тренер – играч може да му се спротивстави на Јакобсен кој има две светски титули. И тие се од крв и месо и ние! Најверојатно го сфативме тоа, главата е клучот за многу работи.“

Во продолжение прочитајте го целосното интервју со Талески…

ИНТЕРВЈУ ФИЛИП ТАЛЕСКИ: Не сум заборавил да играм ракомет, останувам во Вардар да се оддолжам за довербата