Руската инвазија над Украина, која што започна на 24 февруари, најмногу го погоди градот Мариупол. Поранешниот украински репрезентативец, Сергеј Јаров е сведок на секојдневните бомбардирања во Мариупол.
Тој во краток разговор за официјалната страна на ракометната федерација на Украина го опиша животот под руска опсада.
„Мариупол во последните денови беше под многу силно бомбардирање – од авиони, артилерија. Имаше големи ракети, многу погодија станбени објекти, денеска го погодија породилиштето во градот. Речиси цел град остана без вода и без струја, а производи може да се најдам се помалку. Ситуацијата е многу тешка, но нашата војска возвраќа на ударот. Решив да останам во Мариупол до крај, ќе и помагам на војската колку што можам, како и на сите што ќе останат во градот. Имаме неколку пекари кои печат леб, но проблемот е што во градот нема доволно бензин“, изјави Јаров.
Во градот се наоѓа еден од подобрите клубови во Украина, Донбас, кој во оваа сезона учествуваше во Европскиот куп и беше елиминиран во втората фаза од Алингсас. Клубот располага и со своја голема школа.
Донбас до прекинот на украинскиот шампионат имаше одлични резултати и се наоѓаше веднаш зад лидерот на табелата, Мотор Запорожје.
„Откако го напуштивме Доњецк, целосно го обновивме нашиот клуб (Шахтар, кој беше преименуван во Донбас) и ги оживеавме неговите големи традиции. Донбас повторно се бори за првите места во првенството на Украина, играше во европските купови, исто така имаме своја школа. И сега тоа може повторно да биде уништено, но нема да успеат“, заврши Јаров.