Ракометарите на Вардар ја запишаа првата победа во новата сезона од регионалната СЕХА лига, откако во второто коло на домашен терен го совлада незгодниот состав на Партизан, со резултат 31:26 (16:14).
Македонскиот шампион до победата дојде откако во последниот период го скрши отпорот на Партизан, кој во најголемиот дел од дуелот заостануваше на два до три гола негатива.
Тренерот на Вардар, Владо Недановски ги сподели своите впечатоци по победата над вториот српски претставник во регионалното натпреварување.
,,Денес одигравме интересен натпревар,публиката можеше навистина да ужива, сум ја гледал екипата на Партизан неколку пати млада екипа која игра модерен, брз ракомет. Ние имавме тешко патување, се гледа по играчите дека ни недостасува сила. Исцрпени се по Светското првенство, нас ни недостигаа два играчи во ротацијата, тие се поведени и тоа можше да се забележи на терен. Нападот ни е лош, одбраната ни е лоша, ова не е вистинската слика за Вардар, најдоброто допрва доаѓа искуството и индивидуалниот квалитет пресудија на овој дуел. Играме еден на еден и два на два, се потпиравме на индивидуалните акции и тоа беше пресудно за победата. Благодарност до навивачите, покажаа како се навива и направија одлична атмосфера, луѓето кои го сакаат Вардар поворно се вратија во сала. Ја имаме најдобрата публика во свет, се надевам и понатаму ќе ја имаме нивната поддршка”, изјави Недановски.
Вардар во следното, трето коло, во регионалната СЕХА лига ќе игра против екипата на Татран Прешов. Натпреварот против словачкиот шампион ќе се одигра на 10 февруари во СЦ ,,Јане Сандански, со почеток од 18:00 часот.
Вардар се радува на прв СЕХА триумф, Партизан падна во Скопје