Ракометарите на Вардар со пораз ја стартуваа новата сезона од регионалната СЕХА лига. Актуелниот шампион на Македонија на гостувањето во Словачка кај Татран Прешов беше поразен со четири гола разлика, 27:23.
Имаа шанса во самата завршница „црвено-црните“ да дојдат и до израмнување, а во клучните моменти направија и грешки кои домаќинот ги искористи, па дури и направи солидна предност. Вардар играше без Дејан Манасков, Борко Ристовски, Јан Чувара и Стефан Атанасовски, а дебитираа Михаил Аларов и Леонардо Дутра.
Тренерот на Вардар, Владо Недановски смета дека клучен фактор за победата на домаќините била одличната одбрана, но и расположениот голман Игор Чуприна.
,,Ние имаме нов тим и неколку играчи се вратија од Светското првенство и затоа не можевме да тренираме сите заедно. Бевме изненадени од 5-1 одбраната на Татран, што на крајот ја реши играта. Ние промашивме отприлика 15 удари, кои беа запрени од одличниот Чуприна. Но, ова е само почеток. Ние знаеме дека дефинитивно ќе бидеме подобри. Сега внимателно треба да се подготвиме за во среда и да ја анализираме нашата игра детално. Потоа, ќе ги анализираме нашите противници. Најмногу треба да ја подобриме нашата одбрана”, изјави Недановски.
Следен предизвик за ,,црвено црните” ќе биде дуелот против Партизан во рамки од 2. коло од регионалното натпреварување. Вардар ќе го пречека Партизан на 1 февруари, додека на 10 февруари ќе го одигра реванш дуелот на домашен терен против тимот од Прешов.