Ракометарите на Вардар на 1 февруари на свој терен ќе го одиграат вториот натпревар од регионалната СЕХА лига.
Избраниците на Владо Недановски за следен ривал ја имаат екипата на Партизан и во дуелот со вториот српски претставник ќе ја бркаат првата победа од новата сезона во регионалното натпреварување.
Вардар на првиот дуел беше поразен од Татран Прешов, па така дуелот со Партизан ќе биде шанса за поправен.
Тренерот Владо Недановски истакна дека со неговите избраници имаат краток период за подготовка за натпреварот со Партизан, но тимот е комплетиран со пристигнувањето на играчите, кои со своите репрезентации играа на Светското првенство во Полска и Шведска.
,,Немаме многу време, денес конечно ќе го одработиме првиот тренинг комплетни, некои од играчите, кои што настапија на Светското првенство, сѐ уште се уморни и му треба одмор. Што се однесува до новите играчи, одиме полека, немавме многу време за работа, речиси две недели сме заедно, треба навистина време да се вклопиме. Од денес, конечно ќе кажам дека се комплетиравме и ќе почнеме да работиме на подобрување на одбраната и нападот, така што мислам дека на наредниот дуел со Татран ќе имаме права слика за новиот Вардар, бидејќи има четири нови играчи”, изјави Недановски.
Стратегот на Вардар имаше пофални зборови за екипата на Партизан, истакнувајќи дека ќе дадат сѐ од себе за да победат пред домашните навивачи.
,,Што се однесува до екипата на Партизан, знаеме дека се работи за млада и перспективна екипа, која игра брз и модерен ракомет. Имав време да ја погледнам, ние имаме кратко време да ја анализираме и да се подготвиме. Вчера се вративме од Прешов, имавме тешко патување, ќе работиме денес на одбраната, ќе работиме на нападот и мораме за два тренинзи да искомбинираме сѐ и да излезиме на тој дуел што е можно подобро подготвени”, заврши Недановски.
Дуелот меѓу Вардар и Партизан ќе се одигра во среда, со почеток од 18:00 часот во СЦ ,,Јане Сандански”.