Неколку дена пред закажаните натпревари, пет женски тима и еден машки се откажаа од настапите во европските купови.
Во женската Лига на Европа, се повлече шведскиот тим Луги, па рускиот Кубан Краснодар ќе оди во третото коло без борба. Истата привилегија ја има и унгарскиот Фехервар, кој требаше да игра двомеч со швајцарскиот Брул.
Во Купот на ЕХФ, исландскиот Валур нема да излезе на терен против шпанската Малага, која оди во третото коло. Ист е случајот со турските тимови Муратпаша и Измир, кои требаше да играат со италијанските екипи Касано Мањано и Бриксен.
Во машкиот ЕХФ Куп, финскиот ХИФК се откажа од натпреварувањето и нема да ги игра дуелите од второто коло со летонскиот тим Теникс Добеле. Со оглед на тоа што натпреварите од машкиот ЕХФ Куп (за разлика од женскиот кои се играат викендов) се играат на средината на ноември, нема да биде изненадување, ако се повлече уште некој тим.
Голем е бројот и на откажаните средби во машката и женската Лига на шампионите, па ЕХФ ќе биде на маки како да ги организира сите предвидени активности до крајот на оваа година.