Екипата на Нант на Кире Лазаров одигра сигурен натпревар во 11. коло од првенството на Франција на кој славеше рутинска победа на домашен терен против екипата на Кретеј со 30:25.
Кретеј имаше добар почеток и го диктираше резултатот, а Нант дваесетина минути постојано беше во негатива. Балагер во 21. минута погоди за 10:9. Од тој момент до крај на првиот дел Нант беше во предност и на полувреме водеше со 13:11.
Во продолжението Лазаров и соиграчите без многу проблеми го водеа мечот кон триумф. Нант имаше највисоко водство и од седум гола, а во финишот Кретеј само го намали поразот.
Кире Лазаров беше стрелец на два гола на натпреварот, а најефикасни беа Овничек, Ривера и Милиќ. Со овој триумф Нант се задржа на втората позиција со 17 бода зад водечкиот ПСЖ кој има 20 бода. Во следното коло Лазаров ќе гостува кај Ним.