Последната конекција меѓу поранешниот капитен на Вардар, Филип Лазаров и македонскиот првак беше тоа што Веселин Вујовиќ го побара да му биде помошник тренер на клупата.
Интересно е што Филип во интервју за 24Ракомет открива дека всушност тој му се понудил на Вујо.
„Морам да признаам дека тоа беше на мое инсистирање. Кога дознав дека Вујо се враќа во Вардар му пишав на Фејсбук ’ми ја спаси играчката кариера, сега мораш да ми помогнеш и во тренерската’. Тој ми одговори ’чекај мајсторе, полека, како е во Германија, што се случува, зошто??? Дали би се вратил во Македонија, не би се вратил?’. Му пишав ’единствено поради кое би се вратил во Македонија е Вардар и да бидам твој помошник.’ Ме фати носталгија и мислев дека можам да му помогнам на Вујо, со кој имаме и слични сфаќања за ракометот и сам му се понудив. Тој го прифати тоа и дури ме изненади кога јавно го кажа тоа и тогаш си велам ова веќе не е шега. Ми пиша дека Михајло ќе ме бара и додека да се јави Михајло, мене ме фати некој страв, паника, си велам што направив! Кога ми се јави Михајло зборувавме за каков е животот во Германија, но и разговорот повеќе водеше на тренер во млади категории и да ги тренирам играчите кои ќе останат во Скопје додека првиот тим е на пат. Зборрувавме искрено, отворено за се и кога му кажав за животот во Германија ми рече: ’Фичо да ти кажам искрено, јас да сум на твое место не би се враќал.’ Требаше две недели подоцна да дојдам и во Македонија и да се видиме и лично, но сплет на околности не се вратив во Скопје и ден денеска знам дека ако се случеше таква средба, ќе прифатев да дојдам во Вардар. Реално не сум подготвен, во Вардар има притисок, играат Лига на шампиони, Вардар е ниво. Не може да дојдеш во Вардар и да учиш, треба да бидам подготвен и да можам да му помогнам. Се залетав… Се надевам дека ќе имам шанса во иднина, бидејќи Вардар ми е во срцето и за него секогаш ќе сум тука.“
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Филип Лазаров…