Дербито на 3. коло во плеј-оф фазата во прволигашката конкуренција меѓу двата дебитанти Голден Арт 2 и Мулти Есенс заврши со победа на тимот на Мулти Есенс, кој со подобрата игра во вториот дел оствари позитивен резултат од 27:22.
За Мулти Есенс победата над Голден Арт 2 беше трета по ред во прволигашкиот плеј-оф и може да се каже дека тимот предводен од Бранислав Ангеловски е на добар пат да обезбеди директен пласман во Супер лигата за следната сезона.
Натпреварот стартуваше израмнето, со предност на Мулти Есенс од еден или два погодоци разлика. Од 10-та минута, натпреварот доби поинаков тек каде домаќините ја презедоа играта и набрзина го свртеа резултатот во нивна корист.
Мулти Есенс не се снајде најдобро во финишот од првото полувреме и им дозволи на домаќините да имаат целосно контрола на теренот. Голден Арт 2 на пауза замина со предност од 15:12.
Вториот дел стартуваше со неколку промашени напади на двете страни, но гостите во продолжение играа се подобро особено во одбраната каде што на голот имаа расположен голман. Клучен период на натпреварот беше средината на вториот дел, кога на нерешен резултат (18:18) домашниот тим не успеа да реализира два седмерци и уште две чисти ситуации за погодок, овозможувајќи му на противникот да се одлепи на плус погодоци разлика, 22:18. До крајот на натпреварот домаќинот не успеа да се доближи на разлика со која ќе може да смета на позитивен резултат и го загуби натпреварот.
Најефикасни во победничката екипа беа Димитар Узунчев со десет и Олег Јорданов со осум погодоци. Немања Џигероски беше најефикасен во составот на Голден Арт 2, постигна 11 погодоци и покажа дека има репрезентативен потенцијал, но за жал на дерби дуелот беше без поддршка од соиграчите.