Денеска е последниот слободен ден на Европското првенство во Македонија, Словенија и Црна, пред утрешните битки за медали во Љубљана.
На завршната прес-конференција, претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, вели дека Македонија и другите две федерации можат да бидат организатори на големи настани во иднина.
„Би сакал да и се заблагодарам на ЕХФ за довербата која ја даде на РФМ за организација на овој проект. Уште кога ја испративме апликацијата, направивме се што можевме за да бидеме добри домаќини на Европското првенство, вклучивме нови логистички и инфраструктирни решенија. Драго ни е што како држава бевме организатори на натпреварување од највисоко ниво. Женскиот ракомет има долга традиција во Македонија. Нашиот тим по десет години конечно беше дел од едно големо натпреварување. Би сакал да им се заблагодарам на сите кои беа дел од организацијата. Волонтерите, медиумите и сите други кои го поддржаа овој настан. Секако и на ЕХФ која ни даде поддршка при подготовките за турнирот. Мислам дека сите три федерации покажавме дека можеме да бидеме дел од поголеми натпреварувања во иднина. Се надевам дека сите си заминаа со добри спомени од Македонија, Словенија и Црна Гора“, изјави Мукаетов.
Следен предизвик за РФМ на организациски план ќе биде Светското првенство за младинки во 2024 година.