Интернационалката од Македонија, Савица Мркиќ продолжува со своите одлични настапи низ Италија и заедно со екипата на Ериче беа убедливи против Мецокорона со 38:27 во натпревар од 14. коло во италијанскиот шампионат.
Предводник во победата на Ериче беше токму Мркиќ, која постигна 15 погодоци и воедно беше најефикасна на овој дуел. Мркиќ, исто така во претходното коло против Падова постигна 15 погодоци.
Ериче со новите освоени бодови направи чекор плус на табелата и моментално се позиционираше на 5. позиција со 14 освоени бодови. Во следното коло Мркиќ и колешките ќе играат против еден од фаворитите за освојување на титулата, Бриксен.
Одличната форма на Мркиќ треба да биде добра вест за селекторот на репрезентацијата на Македонија, Љубомир Савевски, кој пред извесен период изјави дека за следните репрезентативни акции би можел да смета на поискусните ракометарки кои што играат во странство.