Тимот на Вардар денеска го официјализираше трансферот на шпанскиот репрезентативец Едуардо Гурбиндо.
Тој по настапите во Асобал лигата за екипи како Портланд Сан Антонио, Ваљадолид, Барселона, а потоа и за францускиот Нант, ќе има малку поинаков предизвик.
Претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, е задоволен од ангажманот на Гурбиндо, и најавува дека новите засилувања во „црвено-црниот“ тим ќе донесат многу радости на навивачите.
„Со ангажирањето на Гурбиндо продолжуваме со засилувања со кои Вардар ќе биде уште поконкурентен во следните сезони. Среќни и задоволни сме што Гурбиндо го препознава квалитетот на Вардар и што сака нов предизвик во кој заедно ќе се обидеме да постигнеме уште подобри резултати. Гурбидно ќе донесе освежување во нападот и цврстина во одбраната. Ги цениме неговите квалитети и сигурни сме дека веднаш ќе се вклопи во нашиот систем. Засилувањата што досега ги договори Вардар ќе им донесат многу радост на навивачите и верувам дека многу брзо сите заедно ќе можеме да ги поздравиме новите играчи. Очекувам со завршување на пандемијата на Ковид-19 повторно да имаме полна сала, и многу нови компании кои ќе го поддржат Вардар во чекорење кон европскиот врв. Верувам дека како што ние ги одржаваме ветувањата за создавање на нов силен Вардар така и нашите компании ќе го одржат ветувањето да бидат наши партнери кон новите успеси“, изјави Михајло Михајловски, претседателот на клубот.
Покрај Гурбиндо, Вардар ги договори и левиот бек Анте Кудуз, десното крило Дарко Ѓукиќ и голманот Мартин Томовски.