Во еден од најинтересните и највозбудливи натпревари од 10. коло во Супер лигата, Охрид на домашен терен го пречекува тимот на Алкалоид, од кого во првиот дуел на гости загуби со 24:22.
Охриѓани пред натпреварот се соочуваат со проблем на повредени играчи. Со сигурност дуелот ќе го пропушти Тоше Ончев, а неизвесен е и десниот бек и еден од најдобрите поединци на последните натпревари, Дејан Шешиќ.
Сепак Охрид во натпреварот влегува засилен со нов чувар на мрежата, српскиот репрезентативен голман, Александар Миленковиќ, кој пред една недела потпиша за клубот и се очекува да даде значаен придонес во останатиот дел од сезоната и клучните натпревари за пренесување на бодови во плеј-офот.
„Треба да влеземе 100% подготвени во натпреварот, да го дадеме својот максимум и да се надеваме на победа. Го гледавме тимот на Алкалоид, ќе се потрудиме да ги анализираме што подобро како би оствариле позитивен резултат. Ќе повторам пак, очекувам да го дадеме својот максимум и да се обидеме да ги освоиме трите бода“, изјави новиот голман Миленковиќ, кој во Охрид дојде по 2 години поминати во Израел.
Охрид со скор од шест победи и три порази се наоѓа на третото место на табелата, додека Алкалоид е втор со осум победи и само еден пораз.
Натпреварот помеѓу Охрид и Алкалоид се игра во недела со почеток од 16:00 часот во салата „Билјанини Извори“.