Словенечкиот интернационалец Сташ Скубе, иако има уште две години договор со актуелниот европски првак Вардар, би можел да си замине на лето од Скопје.
Хановер и ПСЖ беа во трка за потписот на средниот бек без кој не може да се замисли играта на Вардар, а според последните информации бундеслигашот веќе не е опција за Скубе.
Најновиот тим на листата заинтересирани за Скубе е белорускиот Мешков Брест, кој подготви богата понуда и нема да жали пари да стигне до потписот на Словенецот. Според нашите информации Скубе е многу блиску до трансфер и договор на две сезони.
Тренерот Раул Алонсо во Брест на централната бековска позиција во моментов ги има Кулак, Обрановиќ и Малус, а пред заминување се првите двајца, па во Мешков би можело да се спојат двата средни бека од Словенија – Малус и Скубе.
Мешков Брест и лани испрати понуди за неколкумина вардарци, меѓу кои беше и Скубе, а сега повторно се обидува да го донесе во своите редови, иако нејасно е дали ќе овој клуб ќе добие место во Лигата на шампионите следната сезона.