Ракометарите на Еурофарм Пелистер загубија на гостувањето кај шпанска Бидасоа Ирун со 32-20. Иако битолчани тргнаа солидно на стартот, одлично се држеа во првите петнаесетина минути, потоа следуваше голем пад во играта, што домашните го искористија уште во првиот дел да направат голема позитива, која само ја задржаа и зголемија во второто полувреме за висок триумф.
По почетните 2-2, домаќините искористија две грешки на битолчани и поведоа со 4-2. Таквата предност ја одржуваа во продолжение иако играа со двајца играчи помалку и постигнаа дури два погодоци.
При 8-7 за Бидасоа, нашиот тим не искористи шанса да израмни преку Танкоски, па шпанскиот состав се одлепи на плус три, 10-7 по петнаесетина минути игра. Валтер побара тајм-аут, но и по минутата одмор, Бидасоа постигна уште еден гол за 11-7.
Постот од шест минути без гол го прекина Хенеберг со реализараниот пенал за 11-8, но подоцна Бидасоа стигна и до плус пет, 13-8. При 14-10, Данецот промаши удар од седум метри, а шпанскиот тим лесно ја пробиваше одбраната на битолчани.
Домашниот голман Арбауи влезе во серија одбрани, па на три минути до крајот на полувремето беше и 18-11. Бидасоа со голот од пенал по истекот на времето стигна до највисоката предност дотогаш, 20-12, и најави дека бодовите ќе останат дома.
На стартот на вториот дел Костески намали на 20-13, а за првиот гол на домашните се чекаше осум минути, бидејќи на двете страни имаше по неколку промашувања. Кога Бидасоа стигна до плус десет, 25-15, Валтер побара втор тајм-аут во вториот дел.
Данскиот стратег реши да проба варијанта седум на шест со два пивоти. Но еднаш битолчани погрешија во додавање, еднаш беа запрени од голманот Арбауи, па се откажаа од таа игра во продолжение.
Бидасоа не попушташе во темпото, и на секој погодок на битолчани одговараше на ист начин, па разликата десетина минути беше или 10 или 11 гола. До крајот домашните одиграа само рутински и немаше никакви возбудувања.
Најдобри стрелци во македонскиот тим беа Хенеберг и Танкоски со по четири погодоци, а по три дадоа Пешевски и Василев. Следен предизвик за битолчани ќе биде реванш средбата против Бидасоа Ирун што ќе се одигра следниот вторник во „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.