Металург не успеа кај Тулуз, се враќа со пораз од првиот дуел во Лигата на Европа

Составот на Металург не успеа да ги искористи шансите на дуелот против Тулуз и од гостувањето во Франција се враќа со пораз. Тулуз го доби овој натпревар со 33:29 така што бодовите останаа за домаќинот.

Од стартот на средбата се виде борба за бодовите, но после десет минути од натпреварот домашните презедоа иницијатива и успеаја да тргнат посигурно и да дојдат до најголема предност од пет погодоци.

Сепак, пред заминувањето на одмор Металург намали и на паузата беше 18:15 во корист на Тулуз.

Второто полувреме одново тргна со израмнета игра. Металург остана на негатива од три гола и успеа и да намали на два. Имаше два напади за анулирање на негативата, но не успеа. Шилегов двапати не погоди откако беше запрен од голманот на Тулуз, па домашните казнија и одново се вратија на четири гола позитива.

После 24:20 во корист на Тулуз работите одново тргнаа во правец од кој Металург тешко можеше назад бидејќи никако не можеше да се најде начин како да се дојде до подобар резултат. До крајот Тулуз одигра концентрирано и се задржа на позитивата која му ги донесе првите бодови.

Металург имаше проблеми на моменти со одбраната, но и со нападот така што нијанси беа во прашање за да се дојде до подобар резултат. Сепак, шансата за први бодови ќе се бара на некој од следните натпревари.

Денеска прв стрелец во Металург беше Поповиќ со девет гола, додека седум имаше Рниќ. Тарабокија постигна пет, додека Канкараш и Мариќ по двапати реализираа. Во Тулуз, Јакобсен беше убедливо најдобриот со девет гола од девет удари.