Металург и Хорват пред договор: Хрватот останува во Автокоманда уште една сезона

Најискусниот ракометар во редовите на Металург, Златко Хорват е пред потпишување на нов договор со екипата од Автокоманда и тој би требало да остане дел од овој тим и во следната сезона.

Хорват дојде во Металург пред почетокот на оваа сезона и е лидер во тимот кој полека влегува во посакуваната форма. Иако во јавноста кружат различни информации, сепак, информациите до кои доаѓа редакцијата на 24Ракомет велат дека тој ќе остане и понатаму дел од тимот на Металург и ќе продолжи со играњето во Автокоманда.

Минатото лето Хорват дојде како големо засилување во клубот, па неговото останување секако ќе биде од големо значење за екипата. Со своето искуство тој брзо се промовираше во важен ракометар за тимот на Металург, кој сезонава имаше големи турбуленции и мораше да промени неколку тренери. Сето тоа влијаеше и на резултатите и не успеа да дојде до посакуваното.

Дали продолжувањето на договорот со Златко Хорват можеби е најава за засилување на тимот и во новата сезона враќање на стабилноста и конкурентноста на клубот во трката за титулата ќе биде познато како што ќе одминува времето.

Металург е само вториот клуб во кариерата на Хорват бидејќи тој од почетокот на својата кариера играше за Загреб и од овој клуб дојде во редовите на „металурзите“.