Ракометарките на Металург кои се последните шампионки на Македонија од сезоната 2018/2019, стартуваа со убедлива победа во новата сезона од Женската лига.
Избраничките на Јулијана Дамчевска славеа на гостувањето кај Пелистер во Битола со 18 голови разлика, 24-42.
Се играше израмнето само во почетните десетина минути, кога беше 7-7. Потоа гостинките од Автокоманда направија серија од четири голови за 7-11, а до крајот на полувремето стигнаа до плус 11, 13-24.
Второто полувреме беше само формалност, па Дамчевска и Здравевска им дадоа шанса да заиграат на сите ракометарки што ги имаа на располагање.
Најдобри стрелци во победничкиот беа Марија Тасевска и Ивана Арсениевска со по седум погодоци, како и Пена Граматова која даде шест, додека кај Пелистер се истакна Марија Јанкуловска со седум.