Металург беше „семејна забава“ затоа рушеше рекорди

По завршувањето на играчката кариера претседателот Ристо Чокрев и Филип Христов ќе му понудат на Горан Ѓоргоноски да остане да работи во Металург во маркетинг секторот, кој тогаш е во создавање. Покрај резултатите ако нешто се памети од тој период се рекордите кои се рушеа кога стануваше збор за продажба на билетите.

„Правевме нешто што дотогаш во Македонија малку беше познато. Работевме на социјални медиуми и промоција на клубот од едно поинакво светло. Се потрудивме да најдеме канал како луѓето приватно да ги запознаат играчите и да направиме тие да бидат идоли и на децата и на возрасните. Успеавме да покажеме една приватна, интимна страна, да ги истакнеме предностите на секој играч, имиџот и идентитетот надвор од теренот. Се создаде и организиран систем на продавање на билети, каде можеше културно без туркање пред билетара да се купат, а беа достапни и секаде низ Македонија. Успесите на клубот придонесоа да има интерес, потоа влезе и во фаза на помодарство и во фаза на фама. Имавме и луѓе кои доаѓаа во сала, а не знаеја кој игра – и тоа е нормално! Порано публиката во Македонија беше 90 посто мажи кои кога беа спремни да се исплукаат и да се истепаат одеа на натпревар. Нашата цел беше да привлечеме фамилијарни луѓе. Затоа имавме и маскота, за да ги анимира децата додека родителите гледаат ракомет. Металург сакавме да биде убава, семејна забава и затоа во ’Борис Трајковски’ немаше свирежи и навреди кога губеше Металург, туку аплаузи, затоа што луѓето убаво си поминуваа. Тоа се обидувавме да го прикажеме како забава, се отворивме кон цела Македонија. Металург не е ниту само клуб од Автокоманда, ниту само од Скопје, туку ние се етаблиравме како национален бренд и доаѓаа по две илјади луѓе од другите градови за да ги гледаат нашите натпревари. Требаше време да се научат луѓето дека билетите треба да се платат, но кога ги научивме, од тоа клубот имаше 170 илјади евра чисти пари од билети во најдобрата година“, се потсетува Ѓоргоноски и додава: “Од август 2011 до декември 2014 година го работев тоа, а потоа си заминувам. Мојата одлука не беше врзана за финансии или поради случувањата во клубот во тоа време. Заминав затоа што имаше луѓе во раководството на Металург со кои не можев да се разберам, луѓе кои му направија непоправлива штета на клубот, кои со години на име на Металург градеа имиџ и заминаа без да понесат одговорност.“

Интервјуто со Ѓоргоноски прочитајте го во продолжение.

ИНТЕРВЈУ ГОРАН ЃОРГОНОСКИ: Живот посветен на македонската ракометна кауза!