Марковски за 24 Ракомет: Покажавме дека заслужуваме внимание, ќе бидеме подобри

Металург загуби од Вардар во 6. коло од Супер машката лигата со 30:38 на гостувањето во СЦ „Јане Сандански“, а на оваа средба во тимот на металурзите го немаше Златко Хорват.

Тренерот Иван Марковски има причина да биде задоволен бидејќи се гледа напредок во формата и во играта.

„Им честитам на момците за максималната и ангажирана игра, а честитки и за Вардар за победата. Противникот имаше поголема ротација и тоа го искористи на теренот. Моите момци покрај сите работи кои нѝ се случуваат ја одиграа најдобрата средба од почетокот на сезоната. Иако имавме скратена ротација, а денеска бевме и без Хорват покажавме квалитет“, рече Марковски за 24 Ракомет.

Според него треба мало освежување во тимот односно барем две засилувања за поголем ротација.

„Сето она што беше подготовка во нашиот систем и како профил од овие играчи дадовме максимум. Мислам дека Металург треба да се движи во овој правец. Оваа екипа без разлика на резултатите има квалитет. Со едно две освежувња во ротацијата ќе биде уште подобро. Бековската линија која играше 60 минути даде одличен перформанс. Добро одговоривме на играта на Вардар во двете полувремиња и знаевме што може да очекуваме“.

Марковски смета дека момците го спровеле на дело она што било подготвено и дека знаеле како да нападнат на одбраната на Вардар.

„Знаеме колку квалитетно игра Дибиров во одбрана, но ние се подготвувавме и имавме одговор. На крајот ова беше добар натпревар. Вардар е квалитетна екипа со уште поголем ростер и играчки кадар. Покажавме квалитет и зголемена самодоверба за натпреварите кои следуваат против Радовиш, Охрид…“

Целта останува пласман во плеј-офот, а нема да биде воопшто лесно бидејќи има многу кандидати за местата кои водат во разигрување за титулата.

„Се надевам дека се смени. Ние не можеме да играме послабо од она што го покажавме на претходните средби. Ова е на некој начин е враќање и кревање на формата и бодовното салдо. Тоа е една до две победи до зоната на плејофот. Има уште многу до крајот и убеден сум дека ние ќе продолжиме во ова темпо. Пред натпреварот кажав дека играме против Вардар, европскиот првак и тоа е дополнителна мотивација што се покажа и на теренот. Екипата заслужува внимание. На следните натпревари ќе покажеме дека можеме до горниот дел на табелата“, изјави Марковски за 24 Ракомет.

Металург опуштено, вардарци испотено и со супер финиш до нови бодови