Тренерот со кој беше освоена единствената круна досега во Лигата на шампионите во женска кокунренција, Александар Панов во интервјуто за handballfast.com покрај за тоа како работел во клубот и дали имало мешање од раководството зборуваше дека некои навики во Македонија биле поинакви од тие што ги имал тој во Русија.
Во прв план е работата односно тренинзите кои не биле доволни бидејќи според неко треба по три или четирипати дневно да се работи и да се биде посветен на она што се работи.
„Тимот не беше направен за една година туку граден неколку сезони. За да може еден тим да биде на потребното ниво треба да се игра заедно подолго време, да се постават повеќе тактики. За да се претстави на она ниво кое е потребно за титула треба да се има можност за играње на одбрани 6-0 и 5-1, да се игра со добра трансформација, но да може и 4-2 и слично. Обидете се да го научите сето ова во период од една година. Исто така треба да се сфати и како да се игра офанзивно против одбраните 6-0, 5-1, 4-2… Како да се запре контранапад, да се развие контра. Многу е тешко. И кога тренерот нема вре ме и доверба и мисли дека ако загуби ќе биде заменет тогаш нема време за добра работа“, вели Панов во интервјуто.
Воедно објаснува како се тренира во моментите кога тимот се подготвува за сезоната на планина.
„Треба да се работи три или четирипати во денот. Македонците беа многу изненадени, како тоа треба да работиме четирипати? Е па вака. Одите на подготовки на пример на планина. И што друго ќе правите таму? Ќе вежбате два часа наутро и два часа навечер? А остатокот од време? Ќе лежите во кревет, ќе јадете портокали и колачи, ќе пиете кафе, ќе пушите цигари? Со тренинзи четирипати на ден, ракометарките потоа трчаат, можат да го издржат секое темпо, да го направат она што е потребно во играта. Тогаш нема повреди, телото e растегнато, оформено…“, коментира Панов, кој сега има 74 години и е надвор од ракометот.
Инаку, Панов покрај во Кометал Ѓорче Петров, работеше и во тимовите на Ростов Дон, Будуќност, Вождовац…