Репрезентацијата на Украина ја очекува реванш средбата против Македонија за пласман на Светското првенство 2023, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.
Украина на првиот дуел против Македонија оствари минимална победа со 24:22 и за пласман на Мундијалот и одговара реми на реваншот.
Шанса на првиот дуел против Македонија доби втората голманка на Украина, Викторија Салтањук. 22-годишната голманка на Галичанка во второто полувреме беше ненамерно погодена во лицето од Сара Ристовска при изведување на пенал.
„Може да се каже дека главата боли, но тоа е нормално после ваков удар. Ова не е првпат да имам удар во лицето, единствена разлика е тоа што имам мала скршеница на носот. Ова е спорт, има многу повреди, но и многу полоши удари. Јас се чувствувам добро, подготвена сум за реваншот. Мислам дека Македонија нема да се предаде, повторно ќе се борат до самиот крај”, изјави Салтањук.
Младата голманка истакна дека избраничките на Савевски биле многу агресивни.
„Македонките одиграа доста дрско, но не толку „валкано“. Многу нè тепаа и нивната агресивна игра не беше забележана од страна на судиите. Имаше некои спорни моменти на натпреварот, пример, Ирина Компаниец беше многу пати влечена за дресот, но не беше досуден седмерец. Победивме поради карактер, имавме голема желба за победа. Знам дека нашите навивачи веруваа во нас и тоа ни помага да се бориме до крај”, изјави Салтањук.
Реванш дуелот меѓу Украина и Македонија, кој ќе го даде патникот на Светското првенство 2023, ќе се одигра денес, во унгарскиот град Кишварда, со почеток од 17:00 часот.