Македонија ЃП со гол во последната минута славеше против Текстилец

Ракометарите на Македонија ЃП пред својата публика го надиграа составот на Текстилец со 27:26 во натпревар од 16. коло од Првата лига.

Победничкиот гол за победа на домаќините го постигна Мартин Димовски во последната минута, откако претходно беше 26:26.

Избраниците на Димитриоски во најголемиот дел од натпреварот беа во водство, на полувреме имаа 16:13 и во финишот од дуелот дозволија гостинскиот тим да има шанса за победа или барем за бод.

Сепак, искусниот Димовски беше фокусиран во клучниот момент и со гол во последната минута донесе голема радост во домашниот табор.

Најефикасен во победничката екипа беше токму Мартин Димовски со девет погодоци. Во тимот на Текстилец се истакна Васе Петров, кој исто така постигна девет гола.

Македонија ЃП пред извесен период го потврди пласманот во плеј-оф фазата од прволигашкото друштво. Текстилец останува во игра за 5. позиција, но на последните два натпревари мора да направи поволен резултат.