Машката младинска репрезентација на Македонија стартуваше со реми на ЕХФ шампионатот за младинци со селекцијата на Украина, 23-23. Иако губеше со пет гола разлика, нашата репрезентација успеа во финишот на дуелот да се врати во игра, дури и да поведе, а во последните секунди преку Шулески стигна до реми и бод на стартот.
Илиески и Тодески ги промашија првите два удари кон голот на ривалот, па Украина отвори преку Процјук во 3 минута. Истиот играч ја зголеми предноста, а Тодески беше стрелец на првиот гол за Македонија, 1-2. Нашата селекција во продолжение остана со двајца играчи помалку на теренот, но Украинците погрешија во следниот напад и Шулески погоди на убав начин за 2-3. Томашевски остро стартуваше над Иваноски и доби директен црвен картон.
Тодески погоди за 3-4, но потоа веднаш примивме гол за 3-5. Немаше погодок пет минути на двете страни, а Брестовац забележа две одбрани. Иваноски и Петковски израмнија на 5-5, а подоцна беше и 6-6. Македонскиот напад немаше многу идеја, па седум минути не реализиравме во голот на Украина. Ниту ривалот не беше многу поуспешен, па на пауза се замина со гол предност за Украина, 9-10.
По 10-12 на стартот на вториот дел, Иваноски и Тодески израмнија на 12-12. Повторно следуваше една црна дупка во нападот, украинскиот голман Бутко запре два удари, па неговите соиграчи пак поведоа со плус два, 12-14. Имаше Украина и шанса за плус три, но погреши и Тотиќ казни во контранапад за 13-14. Следуваше нова црна дупка во македонскиот напад. Не постигнавме гол цели 12 минути, а Украинците не беа идеални, но погодуваа и се одлепија на плус пет, 13-18.
Постот го прекина Стојменов за 14-18 во 45. минута од мечот. Галевски симна еден зицер, па Белистојаноски погоди за 15-18. Сепак Украинците набрзина си ги вратија петте гола залиха, 15-20. Голманот Галевски запре два удари, искористивме уште една грешка на противникот и беше 19-20 на шест минути до крајот. Украина не даде гол пет минути, па мораше нивниот селектор Бражник да бара тајм-аут.
Ривалот го прекина постот и од пенал зголеми на 19-21, но Тодески реализираше за 20-21. На четири минути до крајот, Шулески израмни и мораше да се почне од нула. Украинците пак погрешија и Иваноски за првпат донесе водство на Македонија, но на три минути до крај противникот израмни. Нашите ракометари не погодија, но ниту противникот немаше многу идеја во нападот. Ангеловски повика тајм-аут кога имаше да се игра уште 65 секунди до крајот.
Бутко го одбрани шутот на Шулески и останаа уште четириесетина секунди за напад на Украина. Горбах погоди по еден соло пробив за 22-23, но Шулески беше побрз од сирената и израмни на 23-23, резултат со кој заврши мечот. За МВП на мечот од македонската селекција беше прогласен Давид Брестовац кој имаше осум одбрани. Најдобар стрелец во нашите редови беше Шулески со шест гола, а по пет постигнаа Тодески и Иваноски. Следен предизвик за Македонија утре ќе биде дуелот со Косово. од 18:00 часот.