Македонија си поигруваше со Косово, веќе е во полуфинале на ЕХФ шампионатот!

Машката кадетска репрезентација на Македонија се пласира во полуфиналето на ЕХФ шампионатот во Летонија, откако славеше против Косово со 39-16. Со четири бода на два меча и со претпоставка дека Летонија ќе ја победи Турција, токму домаќинот и Македонија ќе бидат сигурни полуфиналисти и ќе ги чекаат најдобрите две селекции од другата група во која се Швајцарија, Белгија и Луксембург.

Стартот на мечот не беше според очекувањата. Косово набрзина поведе со 4-1, а имаа и плус пет, 9-4 по десетина минути игра. Тогаш тргна македонскиот воз и ривалот беше прегазен до крајот на првиот дел. Одличен беше Галевски на нашиот гол, нападот беше разновиден, секоја грешка на Косово беше казнувана во контранапад од Петковски…

Примивме само два гола за дваесетина минути, а македонските ракометари реализираа дури 17 пати. Петковски постигна дури девет гола во првото полувреме, а на пауза заминавме со водство од десет голга 21-11.

Вториот дел не донесе ништо ново. Како завршивме во првото полувреме, така и продолживме. Се казнуваа сите грешки на противникот, се измешаа поставите на теренот, и сите ракометари добија шанса да играат. Селекторот Стојановиќ не ги отвори сите карти пред дуелот со Летонија за првото место во групата.

По 28-14, следуваше нова серија на Македонија за највисоки плус 20, 34-14, а до крајот на мечот не се променија многу нештата. Најдобар стрелец во македонскиот состав беше Петковски со девет гола, сите во првиот дел, по пет дадоа Тодор Узунчев и Димковски, а по четири Белистојаноски и Калајџиески. Галевски беше одличен на голот и одбрани 17 удари на ривалите.

За нашите ракометари сега следува ден одмор, а следниот натпревар против Летонија е в четврток од 15:00 часот, што ќе го решава победникот во групата.