Женската младинска репрезентација на Црна Гора е еден од ривалите на Македонија на Европското првенство во Романија.
Селекторот на Црна Гора, Игор Марковиќ, кој во својот тим има неколку ракометарки, кои имаат забележано настапи со Будуќност во Лигата на шампионите, ги истакна своите очекувања.
,,Ростерот на оваа генерација го сочинуваат ракометарки на Рудар, а во текот на клупската сезона имаше доволно време да влезат во форма за репрезентативното ниво. Исто така, имавме долги подготовки, доволно време да го подигнеме нивото на формата и играта, што ќе ни овозможи да бидеме конкурентни на првенството. Имаме јасна цел, а тоа е да стигнеме до главната фаза, сите знаеме дека нема да биде лесно, но веруваме дека можеме да ја оствариме зацетаната цел”, изјави Марковиќ.
Црногорскиот селектор истакна дека Македонија со настапите на турнирите во Унгарија и Романија сериозно се подготви за настапот на ЕП.
,,Во подготвителниот период, во последните 15 дена, Македонија имаше шест контролни натпревари, што е најдобра потврда за тоа колку сериозно му пристапуваат на ова Европско првенство. За разлика од нив, ние на подготовките имавме само контролни дуели против машки тимови, но убеден сум дека тоа беше доволно за да одиграме адекватно. Оваа генерација има големо искуство, пред две години настапи на првенството организирано во Црна Гора, ракометарките добро се познаваат бидејќи повеќето играат во ист клуб, а со одличната атмосфера што ја имаме од првиот ден на подготовките, можеме да се надеваме на добри настапи во Романија”, заврши Марковиќ.
Натпреварот меѓу Црна Гора и Македонија ќе се одигра утре, со почеток од 18:45 часот.
Црногорската репрезентација во групата Д ќе игра и со светскиот вицепрвак Данска и незгодната Чешка.