Македонија има минус два на одмор во Рихимаки

Сениорската репрезентација на Македонија губи со 12:14 после првите 30 минути на средбата против Финска во Рихимаки, па во второто полувреме ќе мора да се надоместува и да се оди на победа.

Од почетокот на средбата, репрезентацијата на Македонија влезе со помладите ракометари, а првите десетина минути минаа во израмнета игра. Македонија имаше свои моменти, но и минимално водство. Таквата игра во која многу често резултатот беше израмнет не даваше можност за сигурност, па откако Финска успеа да поведе и да го контролира резултатот на средина од првото полувреме беше побаран тајм-аут.

Тука дојде и до неколку замени, па на терен имаше комплетно нова постава. Очигледно беше потребно време за да можат да се загреат Лазаров, Миркуловски, Кузмановски… бидејќи Финска дојде и до 12:9.

Tешко се намалуваше негативата бидејќи Финците имаа расположен голман во Росландер. Сепак, и Томовски беше на ниво, па се дојде до негатива од еден гол, 12:13, но не и израмнување бидејќи шутот на Маџовски заврши во пречката.

Финците погодија уште еднаш и успеаја на одмор да заминат со водство од 14:12 така што Македонија ќе има тешка задача во вторите 30 минути.

Кузмановски со три и Георгиевски со два гола се најефикасните после првото полувреме во репрезентацијата на Македонија, додека Томовски има седум одбрани. Во Финска Росландер запре 12 топки, а најефикасни се Хеландер и Мартин со по три гола.