Во денешните квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство 2024, најголемо изненадувања направија репрезентациите на Србија и Финска.
Србија во Нови Сад славеше против фаворизираната Норвешка со 25:24 (12:14). Победничкиот гол за Србија го постигна левиот бек на Елверум, Урош Борзаш.
Токму Борзаш беше меѓу најефикасните во Србија, постигна три погодоци, додека листата на стрелци беше предводена од Богдан Радивојевиќ и Драган Пешмалбек, кои имаа по пет реализации.
Реванш дуелот меѓу Србија и Норвешка ќе се одигра на 12 март во Улсет.
Финска на свој терен ја изненади Словачка, триумфираше со три гола разлика, 30:27.
За Финска ова беше прва квалификациски победа и со триумфот над Словачка ги зголеми шансите да се бори за 3. позиција на табелата, бидејќи четирите најдобро третопласирани репрезентации ќе обезбедат пласман на континенталниот собир во Германија.
Црна Гора предводена од новиот селектор Владо Шола доживеа пораз од Словенија со 32:29 (14:14).
Предводник во победата на Словенија беше Алекс Влах, имаше осум реализации, пет додаде членот на Барселона, Домен Макуц. Кај домаќините најдобри беа Бранко Вујовиќ и Василије Калуѓеровиќ со по пет погодоци. Ракометарот на Еурофарм Пелистер во редовите на црногорската репрезентација Мирко Радовиќ еднаш се запиша во листата на стрелци.
На останатите дуели Естонија покажа дека и на Балтикот се игра ракомет, па така дојде до триумф против Израел од 30:28 (16:12), додека Италија полесно од очекуваното ја надигра Летонија со 26:23 (15:10).
На победа се радуваше Австрија, која без многу проблеми славеше против Украина со 38:31 (18:11). Сигурна победа запиша и Унгарија, го доби дуелот со незгодната Швајцарија со 37:32 (21:19).