Екипата на Фуксе Берлин на гостувањето во Швајцарија кај Винтертур славеше победа со резултат 30:27 во рамките од 6. коло во Лига на Европа.
Ракометарите на Фуксе Берлин имаа добар старт, водеа со 2:0, 3:1 и 4:2, но екипата на Винтертур успеа со неколку гола во низа да се врати во игра. По минималното водство од 6:5 на германскиот тим, избраниците на Горан Цветковиќ израмнија на 6:6. Бундеслигашот никако не можеше да го скрши отпорот на домашната екипа, па така по петнаесетина минути игра резултатот беше 8:8.
Со трите погодоци на Вујовиќ, Фуксе Берлин се одлепи на плус три гола разлика, 11:8. До крајот на првото полувреме немаше поголема промена на резултатот. Фуксе Берлин успеа да го задржи стекнатото водство и на пауза замина со плус четири позитива, 15:11.
За само неколку минути игра во второто полувреме беа постигнати три погодоци од страна на Фуксе Берлин. Копљар, Линдберг и Дарј го зголемија водството на својот тим на највисоки седум гола разлика, 18:11. Расположен на голот кај „лисиците“ беше екс голманот на Вардар, Дејан Милосављев, кој не дозволуваше лесни погодоци во неговата мрежа.
Во периодот од 36, па сѐ до 43. минута, екипата на Фуксе Берлин беше без постигнат погодок. Кризниот период кај гостите беше причина домашната екипа да ја преполови негативната разлика и да намали на само минус три, 18:21, а во 48. минута стигна и до изедначување на резултатот, 22:22.
Во последните десет минути се влезе во неизвесна завршница бидејќи ракометарите на Винтертур поведоа со 23:22 и 24:23. Во играта гол за гол подобро се снајде поискусниот тим, Фуксе Берлин. Иако, домаќините имаа шанса за сензација, сепак во завршниот дел направија неколку технички грешки кои беа кобни за нив.
Незапирлив на теренот беше ракометарот од редовите на Фуксе Берлин, Ханс Линдберг со десет погодоци од исто толку обиди. Воедно, Линберг запиша и една интервенција бидејќи во еден момент од натпреварот мораше да го чува голот на својот тим.