Ливриниќ: Дојде време да одиме на големо натпреварување!

Женската репрезентација на Македонија со три победи на три меча успеа да обезбеди место во баражот за Светското првенство во Шпанија.

По Исланд и Литванија, кои беа совладани убедливо, избраничките на Симе Симовски, минимално го победија и јужниот сосед со 20-19.

Елена Ливриниќ, една од нашите поискусни ракометарки вели дека дојдено е времето Македонија да се врати на големите натпреварувања.

„Очекувавме три меча, иако знаевме дека нема да биде лесно бидејќи кратко беше времето за подготовките. Можеби се истрошивме повеќе на првите два меча, па сега не можевме да го дадеме нашиот максимум, но драго ми е што слатко победивме. Се надевам дека вака лоша партија нема да имаме во иднина и дека ќе одиме во нагорна линија. Не се опуштивме, правевме анализи, но мислам дека уморот и стравот од непознато си го направи своето. Грција нема традиција, можеби не фатија малку неподготвени, но драго ми е што ги победивме“, вели Ливриниќ.

Македонија утре ќе го добие ривалот за пласман на Светското првенство во Шпанија.

„Немам желба, но се надевам дека ќе биде некоја послаба репрезентација од најсилните. Најважно е да се подготвиме добро, мислам дека навистина е дојдено времето да направиме некое изненадување, пред се за нас и за Македонија, бидејќи долго време не нема на некое големо натпреварување“, заврши Ливриниќ.