Македонија ќе игра во групата Ф што ќе се игра во Краков со силната Норвешка, како и незгодните Аргентина и Холандија.
Селекторот на Македонија, Кире Лазаров истакна дека групата на Македонија е тешка, но и интересна. Главен фокус на македонската репрезентација ќе бидат добрите подготовки за што подобар пласман на Мундијалот.
,,Многу интересна и тешка група за нас. Не можам да бидам објективен бидејќи за првпат оваа репрезентација ќе настапува во состав каде што ќе ги нема играчите од калибарот на Миркуловски, Стоилов, Лазаров…Мене ме загрижува и неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите каде што некој од нашите репрезентативци кои играат во Вардар ќе ги немаат потребните јаки натпревари во текот на сезоната, односно пред почетокот на Светското првенство. Не ни останува ништо друго освен да почнеме да го оформуваме новиот лик на новата Македонија. Длабоко во себе верувам во невозможни мисии и работи, само така може да одиме напред. За Норвешка како противник, не треба да трошиме зборови.Холандија беше хит на последното Европскот првенство, а Аргентина со години знаела да прави проблеми и на подобри европски селекции од нас. Ќе се фокусираме на себе и нашата селекција за да бидеме подобро спремни на Светското првенство”, изјави Лазаров за 24 Ракомет.
Првите три репрезентации од групата ќе се пласираат во главната рунда на Мундијалот, каде што ќе вкрстат со три селекции од групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и петтопласираната селекција од Африка.
Светското првенство ќе се игра во четири полски града – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк, како и во пет шведски града – Малме, Јончопинг, Гетеборг, Кристијанштад и Стокхолм од 11 до 29 јануари.
Македонија ќе игра во Полска, доби тешка група на Мундијалот!