Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кире Лазаров за хрватскиот „Индекс“ даде анализа за настапот на Хрватите на Европското првенство во Унгарија и Словачка, но и за настапот на македонската репрезентација, која неславно заврши во Дебрецин, односно на 22 место на континенталниот собир.
Лазаров како една од клучните работи за слабиот успех ја истакнува ситуацијата со Ковид 19 и повредите на неколку ракометари. Сепак, процесот на подмладување во репрезентацијата си го направи своето.
„Се впуштивме во процес на подмладување на репрезентацијата. На последните направени тестови пред тргнувањето на Европското првенство дури седум важни играчи беа позитивни, а поради повреди останавме без тројца играчи. Така несреќниот ковид не натера, сакале или не, да настапиме со деца на првенството. Имав шест играчи во составот кои имаа по 20 години и повторно бевме на исто ниво со Словенија и Црна Гора до 59. минута. Во денешно време секој различно ја толкува секоја ситуација, онака како му одговара него и според тоа каде води интересот. Најважно е да не ја изгубиме главата во овој хаос. Мора да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме напред“.
Македонскиот стратег како најголем фаворит на Европското првенство ја истакнува репрезентацијата на Данска. Избраниците на Николај Јакобсен веќе обезбедија полуфинале на ЕП.
„Данците играат навистина добро. Тие се моќни, одат силно и поминуваат без голем проблем. Французите добро се држеа, но мислам дека паднаа. Секоја репрезентација освен Данска имаше многу проблеми во различни моменти и затоа мислам дека ова првенство е чудно и нерегуларно“.
Лазаров и неговите избраници ги очекува бараж натпреварите за обезбедување пласман на Светското првенство во 2023 година.