Македонија забележа пораз на првиот натпревар на Европското првенство против селекцијата на Словенија со 25:27. Овој пораз беше забележан без Лазаров на терен, кој поради повреда на ова првенство ќе остане само на функцијата селектор.
„Горд сум на она што момците го одиграа против екипа која е составена од играчи кои играат во најдобрите тимови во светот. Покрај тоа што сум разочаран бидејќи заслуживме најмалку еден бод можеби и два спроведовме многу работи на теренот. Мислам дека и физички ги натрчавме и го заморивме. Не верувавме до крај дека можеме. Пробав да ги убедам, но не успеавме. Само тоа ме разочара, инаку сум сопозитивни вибрации“, изјави селекторот Лазаров.
Тој верува дека на следните средби ќе се покаже уште подобра игра и дека ќе има што да се очекува од момците.
„Треба да сме горди на сработеното и сега да чекаме нечија грешка. Морамее сега да мислиме за дуелот против Црна Гора бидејќи нема да биде лесно. Доста се потрошивме, но играат многу млади играчи. Првиот натпревар на едно големо натпреварување е секогаш доста тежок и мислам дека ќе бидеме сè подобри и подобри. Дај боже да отидеме во втора рунда бидејќи уште четири средби за овие млади момци ќе значат многу“.
Верува дека е трасиран вистинскиот пат и дека ќе може да се напредува како што ќе поминува времето.
„На вистински пат сме и сигурен сум во тоа. Штета што направивме грешки од недоволна доверба. Момците дадоа сè од себе. Сега можеби чувството е добро, но кога ќе се разбудиме ќе биде полошо бидејќи ќе жалиме за пропуштеното. Имаше некои одлуки, но тоа е спортот. Ние сме Македонија. Мораме заеднички да го изградиме она што најмногу го сакаме. Некогаш имаме различни размислувања. Мораме сите заедно да направиме. Македонија не е само моја туку е на сите. Ќе го зголемиме ростерот, но прво да одиграме со срце и со глава на следните два натпревари“, изјави селекторот Лазаров после натпреварот против Словенија.
Следниот дуел е в сабота против Црна Гора (18 часот), додека в понеделник ќе играме против Данска од 20:30 часот.