„Лавиците“ од Ѓорче Петров се новите шампионки на Македонија!

Ракометарките на Ѓорче Петров го совладаа тимот на Металург со 25-19 и ја освоија 18 титула во Женската лига на Македонија. Во натпревар што беше реприза од финалето на Купот, домаќинките доминираа на теренот, особено во финишот на првото полувреме, кога направија висока предност.

Стартот не беше според планот на Ѓорче Петров. Неколку грешки во нападот и две одбрани на голманката Илјаз од Металург, им донесе водство на гостинките од Автокоманда со 1-4 по пет минути игра.

Наташа Антиќ одбррани две топки, па Ѓорче Петров успеа да фати приклучок и по петнаесетина минути израмни на 7-7. Гостинките се вратија во водство по пеналот на Божиновска, 7-8, а Јанкуловска исто така од пенал погоди за 8-8.

Повреда заработи десното крило на домашните, Белевска, па Симовски мораше да менува. Сепак серијата на Ѓорче Петров продолжи и понатаму. Погодуваа Коларовска, Николовска, Ѓорѓиевска…за највисоки 13-8. Антиќ влезе во нова серија, па до крајот на полувремето Металург успеа да постигне само уште еден гол и на пауза се замина со 15-9 за Ѓорче Петров.

Ѓорче Петров – Металург

На стартот на вториот дел, трето исклучување заработи Ивана Арсениевска, па домашните го искористија тоа и се одлепија на плус осум, 18-10. Металург врза два гола во серија, имаше шанса уште повеќе да намали, но не погодија гостинките и Ѓорче Петров во 45 минута пак имаше голема залиха, 20-12.

Металург не се предаваше, пак се закани и намали на 21-16 со головите на Божиновска и Трајковиќ. Сепак кога требаше да го направат завршниот чекор и да се доближат уште повеќе погрешија на два пати и Ѓорче Петров зголеми на 23-16 на пет минути до крајот.

Тука веќе немаше дилеми кој ќе биде победникот и започна големото славје во Ѓорче Петров. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Симона Стојановска со осум, како и Николовска и Ѓорѓиевска со по четири гола, а голманката Антиќ имаше осум одбрани. Кај Металург се истакнаа Трајковиќ и Божиновска со по шест гола, а голманката Амра Илјаз запре 12 удари на Ѓорче Петров.