Актуелниот европски првак ја обезбеди првата титула оваа сезона со победа над Металург во суперкуп пресметката одиграна пред кумановската публика. Дуелот меѓу освојувачот на купот и шампионскиот пехар заврши со победа на актуелниот македонски првак од 26-24, со која ја обезбеди третата суперкуп титула во низа и најави нов победнички поход и повторување на ланскиот успех.
Вардарци од самиот почеток ја преземаа контролата над резултатот, но темпото и играта во Куманово наликуваше на она од пред три месеци кога Металург по пеналите во истата сала се радуваше на нова куп титула. Вардарци имаа три голови предност на средина на првиот дел. На металурзите не помогнаа ниту двата тајм-аута во првиот дел, бидејќи разликата се зголеми до највисоки седум голови (14-7 27. минута) . До крајот на првиот дел „црвено-црните“ ја одржуваа предноста која по триесет одиграни минути изнесуваше шест погодоци или 16-10.
Тренерот на Вардар се обидуваше да им даде шанса на сите ракометари, па на теренот ги видовме и помладите ракометари Ќосевски, Кукуловски и Карапалевски. На спротивната страна Стојановиќ го започна дуелот со македонски сили, кои имаа помош од Додиќ и Поповиќ, а потоа шанса да ја почуствуваат играта добија новите засилувања Кбилашвили и Мариќ.
Металург се обиде да го намали високото водство на европскиот шампион, а опуштената игра и измешаниот вардаров состав го доближија тимот од Автокоманда на четири погодоци во 40 минута. Но составот на Стојановиќ немаше сили за повеќе, Вардар бргу се врати на највисоката предност од првиот дел, а до крајот во рутинирана завршница само го одржа минималното темпо и ја освои третата титула во македонскиот Суперкуп со конечен резултат 26-24.
Во третото издание на Суперкупот, Вардар по третиот настап остана 100% и ја одбележа доминацијата во македонската лига. Ова е и трета суперкуп титула за Шишкарев, Дибиров и Кристопанс кои учествуваа и на претходните две изданија во Струга односно во Скопје.
РК Вардар 26-24 РК Металург (16-10)
Градска сала Куманово
Гледачи: 1500
Судии: Славе Николов и Ѓорги Начевски
Делегат: Петре Климкаров
РК ВАРДАР: Кугис (13 одбрани+1седмерец), Кизиќ; Кукуловски 1, Димитриоски 2, Гашовски, Криштопанс 1, Дисингер 1, Карапалевски 1, Атман 2, Калараш 4, Дибиров 5, Горбок 6, Шишкарев, Горпишин 3, Ќосевски
Тренер: Хозе Давид Писонеро Неито
Исклучувања: 8 минути
Седмерци: 2/2
РК МЕТАЛУРГ: Дупјачанец (6 одбрани+ 1 гол), Ѓоргески; Кондев 2, Јагуриновски 4, Поповиќ 3, Пецаковски, Шилегов 3, Танкоски 1, Мариќ, Серафимов 1, Лазаревски 1, Младеновиќ, Чантурија 1, Кбилашвили, Додиќ 5, Арсеновски 2
Тренер: Дамир Стојановиќ
Исклучувања: 6 минути
Седмерци 2/1