Ракометарките на Куманово во првиот натпревар од Регионалната лига ја остварија и првата победа. На турнирот на кој се домаќини кумановки беа поуспешни од Рудар со 29:20.
Гостинките од Црна Гора имаа подобар почеток кога имаа водство, но тоа траеше многу кратко. Куманово брзо ја презема контролата на натпреварот и сигурно ја градеше предността. Добро прво полувреме имаше Катарина Косановиќ која забележа пет одбрани. Во нападот расположени беа Кипријановска, Боризовска и Чокели кои постигнаа 12 гола од вкупно 15 за Куманово. По 30 минути игра Куманово имаше добра предност од шест гола, 15:9.
Второто полувреме беше целосно во знакот на екипата на Куманово. По петнаесетина минути игра во продолжението претставникот во Регионалната лига од Македонија имаше 24:14 за прво водство од десет гола со што беше решен победникот на дуелот.
Докрајот Куманово немаше проблеми да стигне до победата. Најефикасни во победничката екипа беа Јована Кипријановска и Александра Боризовска со по седум гола. Во недела од 17:30 часот Куманово го игра вториот натпревар во ВРХЛ лигата против претставникот од Србија, Зајечар.