Ракометарите на Прилеп денеска се изборија за првата победа сезонава откако го надиграа составот на Работнички во Скопје со 34:29. Ова беа први бодови за прилепчани кои покажуваат напредок во играта. Горан Кузманоски летово почна тренерска кариера иако првите контакти со тренерската работа ги имаше додека играше во Романија каде што извршуваше двојна улога. Тој уште беше активен и играше додека работеше како помошник, па тоа му помогна да се снајде одлично и во новата задача.
Со екипата на Прилеп од каде потекнува и самиот дебитираше на турнирот во Струга, летово, а доби убава можност од старт да води екипа во Супер машката лига. Сега целосно посветен на тренерската работа.
После натпреварот тренерот Кузманоски имаше причина да биде задоволен. Во најголемиот дел од мечот го корнтролираа резултатот и заслужено триумфираа. Самиот вели дека уште има желба да се најде на теренот и да им помогне на момците кога е тешко бидејќи уште не ја загубил желбата и мотивацијата за играње.
„Ми се случи и на турнирот во Струга. Имаше ситуација кога сакав да влезам на терен. Ми доаѓа нервоза и на тренинг кога сакам нешто да објаснам и самиот да заиграм со нив за подобро да објаснам што треба да се одигра. Се работи за деца и млади играчи во просек од 20-21 година и уште учат. На почеток бев нервозен, но не бев скептик. Знаев дека ме чека тешка работа, но морам да ги пофалам дека се доста дисциплинирани“, рече Кузманоски за 24 Ракомет.
Вели дека нема проблеми да се снајде и со новата улога покрај аут линијата и дека се навикнува на новата задача.
„Се снаоѓам бидејќи некој дел од тренерската работа го работев во Романија и имам некое искуство. Имав помош од првите тренери кои ми беа таму. Разговарав со тренерите и кога им бев помошник, а тогаш имав и двојна улога како тренер-играч. Тогаш имав задача да ги работам видеата и да ги подготвувам натпреварите и сега не ми беше тешко да влезам во таа функција. Сега кога треба комплетно да имам улога да влијаам и да имам контрола над сите играчи е нешто поинаку. Сега мора да се размислува за целиот натпревар, да се оди некаде и да се победи. Посветен сум 24/7 на ракометот бидејќи ја сакам работата и целосно сум ангажиран на мојата задача. Имам поддршка од раководството, од општината и се надевам дека ќе го вратиме ракометот во Прилеп на нивото од минатото“.
За амбициите на клубот уште еднаш потврди дека сезонава целта е да се обезбеди опстанок, па потоа ќе размислува за повеќе.
„Не сакам да коментирам за другите тимови, но ние сезонава ќе бараме опстанок. Пред нас се Металург, Бутел и Еурофарм Пелистер кои се многу поискусни и имаат поголем буџет. Нема да се предадеме. Голем хендикеп за нас е што нашиот лидер Филип Чурлевски го одигра послендиот натпревар. Тој ни помогна многу во подготвителниот период и беше тука со нас. Им помогна на момците да бидат подобри и сега ќе биде малку тешко некој од младите да го замени неговото лидерство. Сепак, јас сум оптимист. Се надевам дека ќе успееме да го оствариме она што нѝ е зацртано. Во овој период кој следува сега до 26 октомври мораме да играме и да го најдеме системот кој го сакам за да можеме напролет да го одиграме она што е потребно“.
Инаку, веќе поминаа два месеци откако во Прилеп се активни бидејќи тие почнаа со тренинзи уште на 20 јули така што долго работат за напорната сезона.
„Како да претчуствував нешто уште летото. Ги собрав многу рано и сите нѝ се чудеа зошто толку рано почнавме со тренинзи. Имав желба да почнеме порано и да ги запознаам децата, па почнавме многу рано со физички подготовки. Работевме доста напорно од 20 јули и мислам дека ќе го издржиме ова темпо, но само да се зачуваме од повреди. Дури 80 проценти од децата немаат играно Супер лига и затоа ова е голем предизвик за нив. Ние сме нова млада екипа. Немаме амбиции засега да кажеме одиме во плеј-оф. Ние одиме од натпревар во натпревар. Заврши дуелот против Работнички и сега се насочуваме кон натпреарот против Младост“, коментираше Кузманоски.
Многу време за одмор нема да има бидејќи веќе в понеделник следува нов дуел. В понеделник во Прилеп доаѓа тимот на Младост 1977 од Богданци и ова ќе биде доста интересен натпревар на кој и двата тима се надеваат на бодови.