Средниот бек на Висла Плоцк и чешката репрезентација, Ондреј Здрахала, по долга пауза се врати на ракометните терени. Тој имаше повреда на коленото, долго време се рехабилитираше, но сега е подготвен за сите предизвици.
Здрахала играше на дуелот со Квиджун, кој Висла Плоцк го доби со 19-25 и постигна два гола. Според полските медиуми, Сабате не смета сериозно на услугите на Здрахала, но поради повредите на поголем број играчи, мораше да го вметне во ростерот.
Чешкиот бек со неговата репрезентација ќе биде ривал на Македонија на Европското првенство во Австрија, и заедно со голманот Мартин Галиа, секогаш имале одлични партии кога играле против нашата селекција.
На четирите од последните седум средби меѓу Македонија и Чешка, Здрахала беше најдобар стрелец, па доколку игра на ЕП, Брестовац ќе има уште една грижа плус. Се уште не е јасно во каква форма ќе биде Здрахала за два месеци, но јасно е дека селекторите Кубеш и Филип ќе го вметнат во списокот на чешката репрезентација.