Како што пренесува данската телевизија ,,ТВ2″, ракометарката Каја Камп, која на Европското првенство беше дополнително повикана од страна на данскиот селекторот Јеспер Јенсен, имала позитивен резултат од ПЦР тестирањата, кои биле направени пред неколку денови.
Ракометарката веднаш била изолирана, а остатокот од репрезентативниот табор на Данска повторно тестиран. Тука се појавиле и нови проблеми за данската репрезентација, бидејќи позитивен на ковид тестирањето бил помошникот на Јеспер Јенсен, Ларс Јоргенсен.
Пред вечерашниот дуел со Норвешка, кој е во тек, сите играчи, со исклучок на Каја Камп, биле негативни на брзиот тест за Ковид, па така немало поголеми проблеми за Јеспер Јенсен, но факт е дека имало многу загриженост кај репрезентативките.
Ракометарките и персоналот повторно ќе бидат тестирани во четврток, ден кога ќе има одмор за сите репрезентации пред полуфиналните битки. Правилата, исто така, предвидуваат играчите кои се позитивни на ПЦР тестовите, како и лицата од стручниот штаб, да бидат надвор од терените пет дена. Тоа значи дека Европското првенство за Катја Камп и за помошникот Ларс Јоргенсен е веќе завршено.
Ракометниот сојуз на Данска соопшти дека Каја Камп била негативна пред да замине во Словенија и дека била позитивна пред 14 дена.
Лекарот во репрезентацијата на Данска, Мортен Сторгард се посомневал дека се работи за позитивен тест поради претходна инфекција.
,,Кога го добивме позитивниот тест на Каја, се посомневавме дека можеби има грешка на тестот, бидејќи таа имаше корона пред само 14 дена, а тестот беше негативен пред нејзиното заминување”, изјави Сторгард.