Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска се домаќини на АЕК Атина во последното 10. коло од групната фаза во Лигата на Европа.
Во рамки на групата Д тимот од Битола е на втората позиција и со победа ќе го потврди пласманот во нокаут фазата од втората позиција бидејќи водечкиот Ним е недостижен.
Голманот на Еурофарм Пелистер, Марко Кизиќ истакнува дека грчкиот шампион е целосно анализиран за вечерашниот дуел од Лига на Европа.
„Ова е многу важен натпревар за нас, бидејќи сè ќе се решава во последната рунда од групната фаза. Го анализиравме ривалот, веќе ни е попознат бидејќи одигравме еден натпревар против нив. Се припремавме добро досега, имаме уште два тренинзи до дуелот и мораме да одиме на победа. АЕК е тактичко добро подготвена екипа, многу се борбени и не се предаваат во ниту еден момент. Имаат голема сплотеност и покажуваат голема борба со многуте искусни играчи. Играат со стил кој ние го анализиравме, не може премногу да се менува од првиот натпревар, како тие, така и ние. Ќе одиме да се надигруваме, па подобриот нека победи“, изјави Кизиќ.
Избраниците на Жељко Бабиќ периодов имаат густ распоред, но тоа не претставува никаков проблем да се одигра до максимум и да се дојде до зацртаната цел.
„Напорен период е со многу натпревари. Се обидуваме колку што можеме да се одржиме во најдобра физичка форма. Навистина е тешко и напорно, ама го даваме својот максимум за да бидеме спремни за секој натпревар“, заврши Кизиќ.
Натпреварот меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и АЕК Атина ќе стартува со почеток од 18:45 часот.