Екипата на Пролет пред прекинот на првенството успеа да се најде на 3. позиција во Супер машката лига и да има подобро место од тимот на Бутел Скопје, но ситуацијата е таква што овој дел од сезоната не се доигра, а плеј-офот уште не е стартуван.
Ракометарите се во очекување на продолжението на сезоната, а воедно и стручниот штаб. Тренерот Никола Матлиески вели дека досега нема размислувано на кој начин да се заврши сезоната, но сосема извесно е дека ќе мора да се најде некој начин.
„Доколку би знаеле термин кога би можело првенството да почне тогаш би било полесно и да размислуваме за конкретен модел кој би бил најдобро решение во ситуацијава односно да најдеме начин како да ја завршиме оваа сезона. Вака е тешко. Не знаеме што и како ќе биде и тешко е да се даде некој предлог“, вели Матлиески за 24 Ракомет.
Според него ќе има простор сè да заврши навреме дури и доколку сè продолжи на средина на мај.
„Кога би почнале некаде на средината од мај можеби би можеле да ги изиграме сите натпревари од плеј-офот и би добиле шампион, ама тука мора да се има предвид дека ни треба и време за подготовка. Така би можеле да играме среда-сабота и да имаме по два натпревари неделно, па ќе ни бидат потребни пет недели за добивање на шампионот“.
Сепак, има размислување и на играње според поинаков систем односно да се игра плеј-оф на елиминации за да може сè да се заврши со три недели.
„Во случај доколку и не е можно и во мај да одиграме натпревари веројатно би можеле да се играат и во јуни иако салите ни се со лоши услови и ќе биде навистина жешко во овој период. Сепак, некој модел со плеј-оф веројатно би можел да биде применет, но ќе треба добро да се размисли и да се види како ќе биде најдобро да се добие шампионот на терен. Можеби тука би требало да се одигра четврт-финале, полуфинале и финале, но ќе треба да се види како и ова да се изведе“, рече Матлиески за 24 Ракомет.
Инаку, Пролет е со амбиции за нов пласман во Европските купови, па останува да се види како ќе се одвиваат работите и дали ќе успее во остварувањето на планот.