Некогашниот тренер на Вардар и селектор на македонската репрезентација, а сегашен тренер на Загреб – Веселин Вујовиќ, цела седмица е во центарот на вниманието на ракометната јавност поради недоличните зборови, кои ги употреби за време на еден тајм-аут.
Тој му се обрати со зборовите „Умри, умри да не те гледам повеќе“ на словенечкиот интернационалец Алекс Влах , за време на минутата одмор на дуелот со Брест Мешков во регионалната СЕХА лига.
„Тоа беше еден од моите последни обиди да го разбудам малиот Влах. Искрено, тој ми е омилен играч, со мене започна во Копер, го воведов во ракометот и имаме супер однос. Пред мечот му реков дека мора да реагира, дека премногу промашува зицери и дека е отсутен. Два напади пред тајм-аутот му реков „мрдни се малку, изгледаш како да си мртов“. И кога повикав тајм-аут, логично ми беше да му кажам „умри“. За мене е најважно тоа што и тој и другите момци знаат каков сум, знаат дека знам да кажам се и сешто, но на никој не му посакувам зло. Што се однесува до луѓето кои ме критикуваат, тие никогаш не биле во соблекувалната за да видат што се се кажува. Тоа го направив свесно, иако речникот не беше адекватен и примерен. Ако зборуваме за Влах, тој имаше многу лоша статистика, и против Целје и против Брест. Сакав да видам некаква реакција од него, бидејќи нема право да биде индиферентен кога се работи за екипата. Не може да стави слушалки и да пишува пораки на мобилен во таква ситуација, како да сме победиле десет разлика. Мене тоа ме излудува, ме вади од такт. Не видов дека му беше жал, барем малку жал“, се отвори Вујовиќ за хрватските медиуми.
По поразот од Мешков во СЕХА, Загреб конечно забележа прва победа во Лигата на шампионите против норвешкиот Елверум, но шансите за место во осминафиналето се многу мали.