Поранешен ракометар, тренер, меѓу ретките стратези кои може да се пофали дека седел на кормилото и на машката и на женската сениорска репрезентација е Гино Стрезовски, кој во последните шест години, пак, е претседател на Здружението на ракометни тренери при РФМ. Редовен професор по ракомет е и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. До пред неколку месеци ја извршуваше и функцијата координатор во женските селекции, но сега е посветен комплетно на тренерската организација. На дефинирање на механизам за заштита на тренерите, формирање на Синдикат, но и поставување на унифициран систем на работа, кој ќе создаде т.н. македонска ракометна школа.
Ракометната приказна на Стрезовски започнува во Работнички каде на почетокот играл среден бек. По една непријатна скршеница на раката тренерот Лефтер Бошковски му дозволил да брани (со гипс на раката) и повеќе не се тргнал од голманската позиција. Со Работнички игра во Втора Југословенска лига, стигнал и до младинска репрезентација на Југославија, за која нема официјален настап, но бил на подготовки во Белград. Рано ја завршува играчката кариера на 27-28 години.
„Не затоа што се разочарав туку затоа што сфатив дека е доцна и дека со Работнички не можам многу напред да одам“ – констатира Стрезовски.
По околу 15 години играчка кариера се посветува на студиите, а од 1986 година започнува со работа како тренер.
Тренерското искуство го гради во домашни женски и машки клубови (Олимпик, Скопје, Вардар СРЕМ – жени, Работнички, Повардарие, Југ, Младинец – мажи) додека врвот како тренер го достигнува со Вардар Ватростална (со Пепи Манасков како најискусен играч во тимот) кога во сезоната 2000/2001 освојува двојна круна. Подоцна ќе го предводи и Металург, со кој во 2004/2005 ќе биде вицешампион и финалист на Купот предводејќи ги Ванчо Димовски, Филип Лазаров, Филип Миркуловски, Гоце Макаловски, Петар Мисовски…. кои тогаш како што вели „уште беа деца“.
Покрај Љубомир Савевски, Гино Стрезовски е вториот тренер кој може да се пофали дека ги водел и машката и женската сениорска репрезентација. Тој е дел и од првиот стручен штаб заедно со Славе Атанасовски – Чаве, кој во 1994 година ја предводеше младинската машка селекција на Европското првенство во Израел каде освоија шесто место. Гино во јавноста е познат и како поборник на правата за македонските тренери и македонските играчи, а во моментов тоа му е и главна мисија – заштита на правата на домашните ракометни тренери и формирање на Синдикат.
„Она што ме боли цел живот е што и во двата случаи кога имам успех како тренер, по една сезона ме менува странец. Со Вардар освојувам двојна круна доаѓа странски тренер на мое место, во Металург бевме вицешампиони и игравме финале на Куп со деца, се отвора многу поголем видикот и повторно ме менуваат. Поточно имав понуда да останам во тимот, ама прв тренер ќе биде странец – Цветковиќ. Тоа се случува кај нас и ден денеска. Малку ќе пркнат клубовите финансиски и ги тргаат домашните тренери на страна и носат странци. Истото се случи и кога го водев Вардар СРЕМ. Одлично почнуваме, правиме резултат, влегуваат повеќе пари во клубот и носат странец тренер – Иванишевиќ од Србија“, вели Гино Стрезовски и додава: „Да не се разбереме погрешно, јас немам против странските тренери, туку против начинот на кој тие доаѓаат и се однесуваат тука. Нив не ги боли за македонскиот ракомет како што не боли нас.“
Кога веќе разговорот тргна во тој правец се наметна прашањето која е причината што странските тренери ги почитуваме повеќе од домашните?
„Ние сме поданици, со полно право го велам тоа. Тоа е некоја проклетија! Немаме верба во своето! Носиме ’мешетари’ кои ништо не оставаат и единствено ги интересира да ги земат парите. Стотици тренери минаа низ државава од непознати, па сè до Лино Червар. Се прошетаа, си направија имиња и со исклучок на Раул Гонзалез и Парондо, другите никој ништо не направи. Мене на пример да ми се соберат пет студенти пред кабинет и да протестираат дека сум лош професор ќе си ги соберам работите и ќе си заминам и нема да се појавам на факултет. На Лино 20 играчи му ги фрлија торбите, на сите им рече пријатно и никого не го интересираше што, како и каде понатаму со нив. И уште еден интересен факт – сите големи резултати, зборувам за репрезентација ги направија наши тренери! Звонко Шундовски со петтото место на ЕП 2012 во Србија, Илија Темелковски со младинците освои шесто место на СП У21 во Алжир 2017-та, Владимир Глигоров на ЕП за жени во 2008 ги предводеше до седмото место… Тоа е и до нашиот менталитет! Имаме тренери квалитетни, само треба некој да верува во нив и да има даде шанса. На предавањата секогаш кажувам дека за да бидеш голем и успешен тренер има три правила: првото е претседател кој стои позади тебе, второто – претседател кој стои позади тебе и третото – претседател кој стои позади тебе. Кога си сигурен дека имаш слобода да работиш како тренер тогаш се случуваат големи работи – Раул Гонзалез е најголем пример за тоа! Сега таков пример се Савевски и Лазаров во репрезентацијата кои уживаат голема доверба кај РФМ и имаат безрезервна поддршка“, заклучува Стрезовски.
ЛЕФТЕР Е МОЈОТ ГУРУ, ПОЧИТ ЗА ПРОФЕСИОНАЛЦИТЕ
Македонските тренери знаат да се почитуваат меѓусебно, а првиот човек на тренерската фела немаше проблем да признае дека особено им се восхитува на оние стратези кои лебот го печалат директно од ракометот.
„Боскос (Лефтер Бошковски) е мојот гуру. Единствен човек во тренерската фела на кој ќе му се поклонам и ќе му симнам капа тоа е тој, никој друг. Морам да признаам дека имам голема почит кон тренерите кои директно го вадат ’лебот’ од ракометот како Љубомир Савевски, како Никола Матлиевски, Звонко Шундовски, Раде Стојановиќ, Александар Јовиќ, Андон Бошковски… живеат и работат исклучително ракомет и тие константно се надградуваат преку својот ангажман. Во една прилика имам кажано дека според мене голем дел од тренерите кои водат екипи во Суперлигата може да водат и репрезентација, бидејќи се професионалци и тоа го почитувам. Не можам истото да го кажам за некои на кои тоа им е втора работа. Многу е лесно кога имаш друга сигурна работа и тогаш нема да ти значи дали ќе те сменат или не. Кога си професионалец тогаш сфаќаш колку е тежок е тој ’леб’, рударски.“
ТРЕНЕРИТЕ БАРААТ СИСТЕМ ЗА ЗАШТИТА, ПА СЕ ПОВЛЕКУВААТ
Во Здружението на ракометни тренери во моментов се регистрирани 310 тренери, од кои 133 се активни во сениорските и младинските лиги во системот на натпреварување во РФМ. Сите бараат механизам како да се заштитат во случај да не бидат платени за извршена работа или на сред сезона останат без клуб.
„Свесни сме за ситуацијата во која се наоѓаме и се прават напори да се изнајдат механизми за заштита. Веќе разговарав со двајца адвокати да ни бидат поткрепа и имаме идеја да направиме договор кој тренерите би го потпишале со Здружението и да постои унифицирана плата во зависност од тоа кои категории се водат – младински лиги, помошник тренер на сениорки, прв тренер… и со тоа да се гарантира некоја сигурна плата, која клубовите ќе мора да ја исплатат доколку ја прекинат соработката со одреден тренер. Се обидовме да го спроведеме тоа, но многу е тешко. Зошто? Затоа што тренерите во помалите клубови работат за без пари – само за да бидат активни, тренерите во ракометните школи кои се активни во натпреварувачки систем на РФМ живеат од чланарината или се сами свои газди и за нив е нелогично да потпишуваат договор со Здружението каде ќе потврдат дека сами на себе ќе си префрлаат плата. Дури и тренерите од Суперлига, велат почекајте, па не мора… Тренерите се согласни дека треба да постои систем за заштита, но кога ќе дојде момент тоа да се спроведе на дело се повлекуваат! Не се откажувам од идејата да создадеме механизам за заштита, но мора претходно убаво да ги проучиме и правните и административни рамки за да знаеме дали може да делуваме како Здружение во тој поглед.“
Се шпекулираше и со формирање на Синдикат на ракометни тренери?
„Постои идеја за формирање на Синдикат, тоа е вистина. Бевме и во Дом на синдикати, но тие не знаеја како да нè организираат, јас не можам сам да го организирам Синдикатот, тој треба да биде под нечија капа. Синдикат е паметна работа, но треба некој да стои позади него. Здружението треба да биде покровител и да ги штити тренерите, но како да го сториме тоа не знаеме се уште, затоа што добар дел од тренерите сами се оттргнуваат од тоа. Норвежаните бараат од ЕХФ да се формира Европски синдикат на ракометни тренери и ЕХФ веќе има таков механизам и ги штити тренерите, но според договорот кој го имаат клубот и тренерот, пријавен кај нив.“
КВАНТИТЕТОТ НЕ Е ПРОБЛЕМ, ПРОБЛЕМ Е КВАЛИТЕТОТ!
Стрезовски смета дека уште еден од главните проблеми на Здружението е поставување на унифициран систем на работа кој ќе го следат сите тренери во младински категории и кој ќе ни овозможи поставување на базата на македонската ракометна иднина.
„Македонија има 310 тренери регистрирани во организацијата од кои активни се околу половина, односно 133. Колку за споредба Словенија, која е колку Македонија по големина и жителство има 2.700. Затоа мислам дека квантитетот на тренери не е толку голем, проблем е квалитетот. Малкумина од нив, покрај овие предавања преку Центарот за едукација од РИНГ конвенцијата (модулите) не сакаат или не можат да се надоградуваат. Ме боли што за пет-шест години не успејав да ги убедам тренерите дека треба да го работат она што им го кажуваме. Дека треба да се насочат исклучиво на техниката на младите ракометари, сè друго е козметика. Најважно е да ги научиме децата да трчаат правилно, да изведуваат удар на гол и кога ќе се има таа основа се друго ќе дојде. Има некои основни принципи кои не смееме да ги прескокнуваме. На сите предавања потенцираме што треба да се работи, што е клучно, што е важно, но на сите им е поважно да бидат младински прваци или пионерски… Што е тоа!? Воопшто не е важно! Да се прашував јас лично би го исклучил семафорот и на деца до 14 години би им дал само топка да играат. Треба прво да научат да играат ракомет. Не можам да го сфатам моментот – се тепале, направиле инцидент – циркус на кадетско првенство! Се обложувам дека скоро никој не знае кој е кадетски шампион на Македонија или младински првак на Европа. Објективно има подобрувања и мали чекори напред и во тренерската работа и во квалитетот на тренинзи, но факт е дека потребно е да се постави систем на работа. Систем кој преку Здружението и Центарот за едукација на тренери, а со контрола на РФМ би се спроведувал и на тој начин да создадеме некаква препознатлива македонска школа. Немаме голем број ниту на ракометари, ниту на ракометарки и ако продолжиме да работиме без концепт ќе останеме само да ’пловиме’.“
„Почнавме да спроведуваме таков проект – едукација на тренери во младинска категорија на целата територија на Македонија, кој беше одобрен од РФМ и кој беше замислен во три фази. Прва фаза: договор на тренинг, втора фаза: ја добиваат програмата за тренинг од нас и трета фаза: ненадејна посета на тренинг за да видиме дали тоа се спроведува. Почнавме да работиме тоа и потребно беше време тренерите да сфатат дека не треба да нè импресионираат со тактика – туку со техника, затоа што тоа е најважно за тие деца. Пандемијата и целата ситуација не принуди на прекин, но се надевам дека наскоро ќе се вратиме на активностите.“
ЦЕНТАРОТ ЗА ЕДУКАЦИЈА – ГОРДОСТ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Здружението нема ингеренции и нема увид во тоа колку нашите тренери се пријавени (здравствено и пензиско осигурани) или не, не може да влијае врз одлуките на сопствениците на клубовите за потезите кои ги прават на клупата, па во моментов главна обврска им е лиценцирање, контрола на едукација и надоградба на тренерите, годишни семинари… Центарот за едукација во Дојран е нешто за што се посебно горди.
„Центарот за едукација во Дојран е по највисоки стандарди. Пет години таму се спроведуваат едукација од РИНГ конвенцијата и никогаш не сме дозволиле да биде импровизација. Имаме квалитетни предавачи и демонстратори, тренери (и домашни и странци) како и професори од ДИФ, од Медицински факултет, Факултет за маркетинг и менаџмент, психологија… опфаќаме сè. Паметам еднаш дојде професорка од Медицински факултет со примероци од човечки екстремитети и по предавањето на паузата ми вели ’Овие повеќе од мене знааат за колено’, а јас и одговарам: ’Нормално, сите имаат најмалку по една операција’ (се смее) Морам да признаам и дека благодарение на ФФМ (Фудбалската Федерација на Македонија) ракометните тренери ја добија оваа шанса за едукација. Според Законот кај нас модулите може да ги слушаат само професори на ДИФ, но нас не спаси ФФМ, не вметнаа во Законот и тоа им даде шанса на голем број поранешни ракометари да се надоградуваат и тренерски. Во Македонија покрај наши тренери модулите ги слушаат и тренери од Косово, БиХ, сега имаме и од Словенија – Марко Добрковиќ, од Србија, најново име е и Вугринец“, објаснува Гино и додава: „Најново нешто е сите тренери кои имаат Модул 3 и Мастер коуч ќе имаат еден викенд интерактивни предавања со демо-тимови за надоградба, каде трошоците се комплетно покриени. Тоа е проект во соработка за Агенција за млади и спорт.“
ЗА ПЕТ ГОДИНИ САМО ДВАЈЦА „ПАДНАЛЕ“ НА МОДУЛ
Се случило ли некогаш некој тренер да не го мине Модулот?
„Во пет години има само два случаи, не сакам да ги именувам. Звучи можеби нереално и секако ќе се запрашате зошто не паѓаат? Сè се тоа поранешни ракометари кои се одлично и теоретски и практично потковани и имаат искуство и знаење. Моја цел и како професор, но и како предавач е прво јас добро да ја пренесат материјата, да ги натерам и практично и теоретски да научат за да може студентите или тренерите добро подготвени да дојдат на испит. Кога ќе дојдат на Модул мои први зборови се ’Веднаш да стане и да си оди тој што не мисли во некое извесно време да биде селектор’. Мојот став е дека не треба да доаѓаш да се едуцираш ако немаш поголеми амбиции или ако твоја единствена цел е, како што велеше еден мој колега ’да ја фрлаш топката’.“
СТРУЧЕН СОВЕТ САМО НА ХАРТИЈА
Здружението на ракометни тренери има и Стручен совет, кој има консултативна улога, но тој постои само на хартија, затоа што никој не се посоветувал, ниту побарал негово мислење кога е во прашање поставување на тренер во клуб или селектор на национален тим.
„Постои Стручен совет само на хартија. Клубовите не побарале помош, а во последните години ниту РФМ не се консултира кога станува збор за селектор, Управниот одбор на Федерацијата си одлучува сам. Вистина е дека порано сум бил прашуван од претседателот за тоа кој е мојот став и ставот на Здружението, но за последните одлуки – не! Некако се измешаа коцките, односно се растури системот. Во машка репрезентација имаме селектор, кој е селектор на сите репрезентации, кој е се уште активен играч, капитен… Кај жените имаме селектор, кој исто така ги предводи сите селекции и е тренер на машка екипа во Прва лига. Не е природно некако! Тренерите реагираат на тоа и жал ми е затоа што ние како Центар за едукација, кој произведува кадар дозволуваме да се растури системот. Кажете ми една држава каде еден селектор е на сите селекции! Ако може еден човек да биде сè, тогаш зошто произведуваме тренери?“
ЦЕВАК Е СО ПЕДИГРЕ, ЛАЗАРОВ ГО ПРЕСКОКНА ЗАНАТОТ
Со оглед на тоа дека Здружението на тренери немало никаква улога во доаѓањето на новите селектори и во женскиот и во машкиот сениорски тим, Гино Стрезовски како поранешен селектор и на двете селекции (жените ги предводеше и на последниот настап на едно големо натпреварување, ЕП 2012 во Србија) го прашав за мислење за актуелниот лик на стручните штабови.
„За Савевски имам не високо, највисоко мислење и многу го респектирам! Половина век сме другари и со полна уста и срце отворено можам да кажам дека е чист професионалец, вреден, работник, со резултати зад себе. Тој е по мене одлична опција, но не можам да го прифатам тоа, а тоа го има само кај нас, еден човек да води сè од пионерки до сениорки и плус да биде тренер во клуб во машка конкуренција. Верувам дека Савевски има и квалитет и капацитет за успех со женската репрезентација, но не и ако биде вака и со репрезентативни обврски кај жените и да води машки тим.“
„Одличен пример е Дидие Динар со Франција. Го поставија за селектор на мажите ама воочија дека уште го нема совладано тренерскиот занат и дека уште размислува како играч и сега, каде е? Тренер во Саудиска Арабија. Друго е кога си играч, тогаш размислуваш како играч, кога си на другата страна и кога ќе седнеш на клупата мораш да почнеш да размислуваш како тренер. Само кај нас можеш да бидеш се и кај мажи и кај жени и со тоа се растура системот кој ние како Тренерска организација се бориме да постои. Во машката А репрезентација на клупа седат поранешни ракометари, кои се без тренерско искуство, буквално нема ден тренерски стаж. Ја имаат дипломата Мастер коуч, но не и занатот. Недостасува тренерско искуство занатот го прескокнаа и ќе се учат на клупа на репрезентација. Дај боже, се најубаво да биде со Кирил Лазаров како селектор, но не знам… времето ќе покаже! Јас навивам за Македонија и сакам на ЕП во јануари да имаме добри резултати, но ќе видиме.“
НЕМАВ КОМУНИКАЦИЈА СО КИРЕ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Пред да биде Кирил Лазаров именуван за селектор на машката репрезентација многу се зборуваше и се пишуваше во медиумите дека Гино Стрезовски ќе биде во неговиот стручен тим. Што се случи?
„Не знам! Се обидов да комуницирам со Лазаров, токму на Годишното Собрание на РФМ, но тој ме одби. Потоа немавме никаков контакт, не знам што се случува.“
ЗАСЛУЖЕНО СМЕНЕТ ОД ПОЗИЦИЈА КООРДИНАТОР
Последен ангажман во сениорските селекции му беше позицијата на координатор кај дамите, но беше сменет заедно со заминувањето на претходниот селектор Симе Симовски.
„Кога се случи промената и со заминувањето на Симовски следуваше и моја промена. Сосема заслужена! Не успеав да делувам кај Симе за она што требаше и за она што бев поставен. Мислев дека ќе успеам, но не го сторив тоа и покрај сите состаноци и напори. Сосем на место е одлуката за смената и беше очекувано, иако се надевав дека на поспортски начин ќе биде направено тоа.“
УНИФИЦИРАН СИСТЕМ – ЦЕЛ КАКО ПРВ ЧОВЕК НА ТРЕНЕРИТЕ
Гино Стрезовски вели дека целиот живот му е ракометот, иако е семеен човек, посветен на ќерките и внуците, кој ужива во природата и се релаксира во друштво на пријателите. Долго немал сериозен тренерски ангажман, немал ни понуди, а главниот фокус му се студентите и работата како претседател на Здружението каде главна визија му е зад себе да остави унифициран систем на тренинзи и подготовка на екипа.
„На средината сум на мојот втор мандат и моја визија како претседател на Здружението е да направиме унифициран систем на тренинзи и на подготовка на екипа. Мала држава сме и потребно ни е да направиме план, концепт, годишна програма по која ќе се водиме. Јас доставив една таква програма до РФМ, конкретно за подготовки на репрезентациите, детална и прецизна од прв до последен ден, но ништо не се случи со неа. Желба и цел ми е да создадеме систем по кој ќе ја градиме иднината на македонскиот ракомет, затоа што само така ќе одиме напред.“